Апликацијата „ТикТок“ потврди дека податоците на европските корисници ќе бидат споделувани со вработените во Кина, а оттаму дополнуваат дека ограничен ќе биде бројот на вработени кои ќе имаат пристап до европските податоци, пишува „Independent“.
Ова е прв пат компанијата да признае дека податоците нема се складираат локално и тоа во време кога се зголемуваат грижите за нивна потенцијална злоупотреба.
Друштвената мрежа која има кинески сопственик ја сподели информацијата во рамки на обновената политика за приватност, потврдувајќи дека вработените во неколку земји, вклучувајќи ја и Кина, ќе имаат пристап до европските податоци.
Според „ТикТок“, новите правила целат кон доследно, пријатно и безбедно корисничко искуство.
Освен Кина, пристап до податоците од европските корисници ќе имаат и Бразил, Канада, Израел, САД и Сингапур, а новите правила ќе бидат воведени од 2 декември.
„Врз основа на потреба за да ја вршат својата работа и на серија силни безбедносни контроли и протоколи за одобрување, и преку методи кои се признати според GDPR, општата регулатива за заштита на податоците на ЕУ, дозволуваме одредени вработени во нашата корпоративна група лоцирана во Бразил , Канада, Кина, Израел, Јапонија, Малезија, Филипини, Сингапур, Јужна Кореја и Соединетите Американски Држави, да имаат далечински пристап до европските кориснички податоци на ‘ТикТок’“, изјави шефицата за приватност на „ТикТок“, Елејн Фокс.
Фокс дополни дека друштвената мрежа ќе го ограничи бројот на вработени со пристап до податоците на европските корисници, со минимизирање на протокот на податоци надвор од регионот и локално складирање на европските кориснички податоци.
Новите одлуки се донесени во време кога расте загриженоста за пристапот до корисничките податоци поради злоупотреба од кинеските власти и нивните цврсти регулативи.