„Апликацијата „ТикТок“ е пред легална битка поткрената од детскиот комесар на Англија, Ен Лонгфилд поради начинот на кој ги собира и употребува детските податоци, пренесува „БиБиСи“.
Тужбата е поткрената во име на милиони деца во Велика Британија и Европската Унија кои ја употребувале една од најпопуларните апликации за споделување на видеа.
Доколку тужбата е успешна, погодените деца може да добијат илјадници фунти. Од апликацијата велат дека тужбата е неоснована и дека ќе ја оспорат.
Адвокатите ќе докажуваат дека „ТикТок“ ги презема детските приватни податоци како телефонски броеви, објавени видеа, точните локации и биометрички податоци без да даде доволно предупредување и без доволна транспарентност, како и неопходната согласност која е уставена според закон.
Истотака, во предвид се зема и неинформираноста на родителите и децата за тоа како понатаму се користат овие податоци.
„Приватноста и безбедноста се најважните приоритети на „ТикТок“ и имаме строги политики, процеси и технологии за да ги заштитиме сите корисници, особено тинејџерите. Сметаме дека ваквите обвинувања не се веродостојни и планираме жестоко да им се спротивставиме“, изјавиле од „ТикТок“.
Моментално, „ТикТок“ глобално го користат над 800.000 лица, а фирмата основач „БајтДенс“ заработила милијарди долари во профит минатата година, а поголемиот дел од заработката доаѓа од рекламирање.
Тужбата е поткрената во име на сите деца кои користеле „ТикТок“ од 25 мај 2018 година. Сите деца кои не сакаат да бидат инволвирани може да се пожалат и да излезат од правниот процес.
Логфилд за „БиБиСи“ истакнала дека се фокусира на „ТикТок“ зошто од сите социјални платформи кои собираат податоци, „ТикТок“ полисите за податоци се гломазни.
„ТикТок“ е најпопуларната социјална платформа која им помогна на младите да останат во контакт со своите пријатели за време на една многу тешка година. Сепак, зад забавните песни, танцувачките предизвици и трендовите за усна синхронизација на песни, се крие нешто опасно“, изјавила Лендфилд.
Таа тврди дека „фирмата“ е сервис за собирање податоци затскриен под велот како социјална мрежа, што успешно и долготрајно ги залажува родителите.
Таа дополнила дека сите родители имаат право да знаат какви приватни податоци собира „ТикТок“ преку сомнителните практики за собирање на податоци.
„ТикТок“ и „ДенсБајт“ се фирми чии заработки се базираат на реклами за што се искористени приватните податоци на корисниците, вклучувајќи ги и децата. Профитирање на сметка на овие податоци без исполнување на правната одговорност и почитување на етичното заштитување на децата, е неприфатливо“, изјавиле од адвокатската компанија која ќе го води судскиот спор.