Граѓаните кои се спротивставуваат на новиот закон за абортус во Тексас, поднеле стотици дезинформации на сајтот за дојава каде граѓани може да пријавуваат лекари и физички лица кои извршиле абортус. Нивната цел била да го „срушат“ сајтот, пренесува „Гардијан“.
Про-избор корисниците на „ТикТок“ и „Редит“ направија герила акција протестирајќи против новиот закон за абортус во Тексас, така што го преполнија сајтот за дојава на луѓе кои го кршат новиот закон, со мемиња од „Шрек“, дезинформации и порнографска содржина.
Според новиот закон, жените во Тексас не можат да абортираат по шестата недела од бременоста. Со цел да го промовираат законот, конзервативната група „Тексашко право на живот“, создаде веб-страна, каде граѓаните може анонимно да пријават свои сограѓани кои го прекршуваат законот.
„Секој жител на Тексас може да поднесе тужба против лице кое извршило абортус или планира да изврши абортус после шест месеци од бременоста“, се вели на веб-страната, а оние кои го прекршуваат законот, ќе треба да платат казна чиј минимум е 10.000 американски долари. Преку онлајн формулар, секој жител може да „пријави“ лице кое извршило абортус, а формуларите содржат и секција каде пријавата може да се поддржи и со фотографии.
Но, про-избор лицата имале поинаква идеа и ја „бомбардирале“ веб-страната со дезинформации и измислени податоци, што преставувало планиран „напад“ чија координација се одвивала на „Редит“ и „Тикток“.
Иако веб-страната е достапна од пред еден месец, лажните дојави го преплавиле сајтот вечерта кога законот стапил на сила. Еден „ТикТок“ корисник соопштил дека објавил над 742 лажни дојави дека абортирал гувернерот Грег Абот.
Во меѓувреме, останати корисници ги охрабрувале лицата да аплоудираат фотографии кои содржат порнографски содржини.
Активист кој се претставува со името Шон Блек изјавил дека програмирал скрипта за автоматско масовно поднесување на дојави на сајтот. Тој соопштил дека создал „Пајтон“ скрипта и „иОС“ кратенка за полесно испраќање на 1000 дојави дневно.
Според податоците на Блек, околу 8000 граѓани го искористиле неговиот „Пајтон“ код, а околу 9000 лица ја искористиле „иОС“ кратенката.