Тим Израелци кои тврдат дека манипулирале со преку 30 изборни процеси низ светот користејќи хакирања, саботажи и ширење дезинформации преку ботови на социјалните мрежи се разоткриени од истражувачката новинарска мрежа.
Мрежата ја води Тал Ханан, 50-годишен поранешен припадник на израелските специјални безбедносни сили, кој сега работи во приватна компанија под псевдонимот „Жорге“ и прикриено бил вклучен во манипуларинање на избори во разни земји повеќе од две децении.
Тој и неговиот тим го користат името „Тим Жорге“, а новинарите стигнале до него со помош на тајно снимено видео и документи кои биле доставени до конзорциумот „Story killers“ составен од преку 100 истражувачки новинари од 30 медиуми од целиот свет.
Тројца прикриени новинари од медиумите Радио Франција, Харец и Маркер го снимиле состанокот со Ханан во кој му се претставуваат како потенцијални клиенти. На состанокот тој им објаснувал дека неговиот тим нуди услуги на кампањи за дезинформации, лажни разузнувачки податоци, хакирања и уцени во интерес на нивните клиенти. Тој на видеото е снимен како се фали дека неговиот тим работел на повеќе од десетина претседателски избори низ светот и дека наплаќа мултимилионски цени во долари за нивните услуги.
Ханан го опишал неговиот тим како „поранешни вработени во владини агенции“ со експертиза во финансии, социјални медиуми и кампањи, како и „психолошки војни“, кои работат од шест канцеларии низ светот.
„Во моментов сме вмешани во едни избори во Африка… Имаме тим во Грција и тим во Емиратите… Досега сме завршиле 33 кампањи на претседателско ниво, од нив 27 беа успешни“, вели Ханан во тајно снименото видео од првиот состанок со новинарите.
Тој исто така кажал и дека бил вмешан во „големи проекти“ во САД, но тврдел дека директно не се меша во американската политика.
Од „Тим Жорге“ на новинарите им кажале дека примаат пари во разни валути, меѓу кои и криптовалути како биткоин или готовина. Ханан рекол дека наплаќа помеѓу 6 и 15 милиони евра за мешање во изборен процес.
Aims – софтвер кој контролира 30.000 лажни онлајн профили
„Тим Жорге“ за своите дезинформациски кампањи нуди софтвер наречен „Aims“, преку кој контролираат повеќе од 30.000 лажни профили на социјалните мрежи и може да се користи за масовно и брзо ширење дезинформации.
Софтверот овозможува создавање на профили на Твитер, Линкедин, Фејсбук, Телеграм, Гмејл, Инстаграм и Јутјуб. Некои од профилите дури имаат профили на Амазон со кредитни картички, биткоин паричници и профили на Ер-Би-Ен-Би.
Хаман на прикриените новинари им кажал дека неговите аватари (фиктивни личности кои за разлика од ботовите имаат покомплексен дигитален „идентитет“) имитираат човечко однесување и дека нивните објави се креираат со помош на вештачка интелигенција.
Користејќи ги аватарите кои „Тим Жорге“ ги откриле во нивните презентации и видеа, новинарите на Гардијан, Ле Монд и Дер Шпигел успеале да идентификуваат многу поголема мрежа од 2.000 ботови поврзани со „Aims“ на Фејсбук и Твитер. Тие ја следеле нивната активност на интернет и забележале дека се вмешани претежно во комерцијални спорови во околу 20 држави, меѓу кои САД, Велика Британија, Канада, Германија, Швајцарија, Грција, Сенегал, Панама, Мексико, Индија и други.
Анализата открива дека овие ботови имаат широк спектар на активности – од мешање во спор во Калифорнија околу нуклеарна енергија, преку #MeToo дебати во Канада, избори во Сенегал и кампања во Франција во која е вмешан претставник на Катар во Обединетите нации. Една од кампањите зад кои стои софтверот „Aims“ била насочена кон компанија за супер-јахти со седиште во Монако, која ботовската мрежа ја обвинува дека има директни врски со неколку руски олигарси кои се под санкции. Невозможно било новинарите да дознаат кој се клиентите кои стоеле зад било која од овие кампањи, ниту пак какви биле нивните цели.
Сепак, она што можело да се утврди е дека овие аватари кои шират пропаганда го прават тоа преку крадење фотографии од вистински луѓе. Еден од профилите на Твитер користел украдена слика од вистински Твитер профил на холандскиот новинар Том Ван Ројен.
„Мислите дека Телеграм е безбеден?“
Ханан и неговиот тим на средбата со прикриените новинари ги презентирале и нивните способности за хакирање. Тие демонстрирале како можат да навлезат во профили на Телеграм и Гмејл. При презентацијата тој им покажал Гмејл профил на човек за кој рекол дека е „помошник на важна фаца“ во парламентарните избори во Кенија кои се одржувале само неколку дена по средбата.
„Денес ако некој има Гмејл, тоа значи дека имаат многу повеќе од само мејл“, им рекол Ханан на новинарите додека кликал низ мејлот, драјвот и контактите на неговата мета.
Тој потоа демонстрирал и дека може да пристапи до профили на Телеграм, енкриптираната апликација за праќање пораки. Еден од профилите за кои тврдел дека го пробил припаѓал на личност во Индонезија, додека другите два профили припаѓале на Кенијци вмешани во претстојните парламентарни избори.
„Знам дека во некои земји веруваат дека Телеграм е безбеден. Сега ќе ви покажам колку навистина безбеден е“, рекол Ханан пред да им пушти на новинарите видео во кое тој листа низ Телеграм контактите на еден од Кенијците кои работеле во претседателската изборна трка.
Ханан потоа покажал како пристапот до Телеграм може да се искористи за да се напакости на корисникот. Тој испишал „Здраво, како си, моја драга“ и наводно ја испратил оваа порака до еден од контактите на Кениецот, објаснувајќи како преку праќање пораки на оваа апликација може да се создаде хаос во изборната кампања на противкандидатот.
„Една од најважните работи е да се направи провокација помеѓу правите луѓе. Можам да му напишам што мислам за неговата сопруга, или што мислам за неговиот последен говор, или да му кажам дека сум му ветил дека ќе ми биде новиот шеф на кабинет“, вели Ханан во прикриено снименото видео.
Ханан потоа покажал и како откога ќе биде прочитана пораката тој може да ја избрише за да ги прикрие трагите. Но, кога Ханан повторно го направил овој „трик“, направил грешка и заборавил да ја избрише пораката. Новинарите подоцна успеале да ја лоцираат жртвата на која им бил хакиран телефонот и да ја пронајдат пораката која ја испратил Ханан, што докажало дека неговиот тим навистина има способност да ги хакира Телеграм профилите на нивните мети.
Ханан одбил да го коментира новинарското истражување објаснувајќи дека за изјава му треба дозвола.
„Да бидеме јасни, отфрлам дека сум сторил било каков прекршок“, изјавил Ханан.
Конзорциумот „Story killers“ кој ја обелодени оваа сторија е составен од преку 100 истражувачки новинари од 30 медиуми од целиот свет и ја предводи француската невладина организација „Forbidden Stories“, чија мисија е продолжување на работата на убиени и затворени новинари.
Проектот работел 8 месеци на ова истражување, кое било инспирирано од работата на Гари Ланкеш, 55-годишен новинар кој беше убиен пред неговиот дом во 2017 година. Неколку часа пред убиството тој го привршувал текстот наречен „Ера на лажни вести“ во кој ги истражувал таканаречените „онлајн фабрики за лаги“ кои ширеле дезинформации во Индија.