Лекарскиот тим кој ја направи првата трансплантација на црн дроб во Македонија, професорот Африм Османи, уметникот Роберт Јанкулоски и писателот Блаже Миневски се овогодишните добитници на државната награда „23 Октомври“.
За остварување во областа на науката и образованието, наградата се доделува на проф. д-р Зоран Караџов, проф. д-р Светозар Антовиќ, доц. д-р Бети Тодоровска, прим. д-р Татјана Спировска и проф. д-р Маја Мојсова Мијовска, тимот за трансплантација на црн дроб.
Дополнително во оваа област награда му се доделува и на проф. д-р Африм Османи, универзитетски професор.
За остварување во областа на културата и уметноста, наградата им се доделува на визуелниот уметник проф. м-р Роберт Јанкулоски, како и на писателот Блаже Миневски.
Од Одборот за доделување на државната награда информираат дека наградата ќе им биде врачена на добитниците на 23 октомври во Собранието на Република Северна Македонија.