Тимот на „Браќа Манаки“ си ги бара хонорарите, вели дека Агенција за филм не исплатила ниту денар на фестивалот

Поминаа повеќе од два месеци откако заврши јубилејното 45. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој се реализираше без ниту еден денар буџет од Агенцијата за филм, единствено на добра волја на сите учесници, соработници и партнери на Фестивалот, стои во јавното писмото на тимот на „Браќа Манаки“. 

Од таму посочуваат дека повеќе од два месеци раковсството на Фестивалот и неговите соработници се  под огромен притисок. Опомените пред тужби поради неможноста да се исплатат долговите кон соработниците и ангажираните лица, за жал, велат тие, станале нивно секојдневие.

„Јубилејното 45. издание на Фестивалот со гордост можеме да кажеме беше едно од најуспешните изданија досега. Посетено од врвни имиња, лауреати, оскаровци. Кино салите и работилниците беа исполнети со публика, а придружната програма дополнително го надополни сјајот на Битола. Но, за жал, како резултат на агонијата која ја трпиме овие неколку месеци поради неисплаќање на обврските од Агенцијата за филм, не можеме ниту да се израдуваме на сопствените успеси. Би сакале да истакнеме дека Фестивалот уредно ги има доставено сите претходни извештаи и било каква правна пречка за вакво самоволие апсолутно не постои. До овој момент, Агенцијата за филм веќе цели пет месеци одбива да изврши исплата на Фестивалот“, се вели во писмото.

Надворешните соработници, иако свесни дека Фестивалот нема никаква вина за неисплаќањето, единствено решение гледаат во опомени и тужби.

„Ние, ангажираните лица, се соочуваме со притисокот од елементарна егзистенција, бидејќи меѓу нас има и такви кои комплетно живеат од проектите на кои вредно и посветено работат, а се исплаќаат исклучиво од Агенцијата за филм. Голем број од нас, филмски работници, не земаме плата на секој први во месецот, немаме здравствено и пензиско осигурување. Ние и нашите семејства живееме од овие сретства кои пет месеци без никакво писмено образложение и со многу празни ветувања се’ уште не ни се исплаќаат“, посочува тимот на „Браќа Манаки“.

По сознанието дека в.д.директорката е во оставка, а поради фактот дека времето до затворање на можноста на исплаќање е мошне кратко, кон Министерство за култура и туризам, Владата и Управниот одбор на Агенцијата за филм упатуваат молба итно да се пристапи кон исплаќање на сретствата планирани за финансирање на фестивали и манифестации за 2024 година.

Агенцијата Мета.мк објави став и од в.д. директорката во оставка Станковска Плачковска, која не им дала прецизен одговор кога ќе има исплата.

„Во однос на плаќањата кон проектите за кои се однесуваат вашите прашања, точно е дека не се извршени. Околностите кои се наследени, а утврдени и од други институции, бараат внимателност, но и контрола, проверка и утврдување на севкупноста на исполнети услови пред да се изврши плаќање кон правни лица кои потпишале договор со Агенцијата за филм. Во контекст на ова, договорите во себе содржат права, но и обврски, како и дел од правните лица кои повторно потенцираме во наследена состојба, сè уште се во незавршена постапка во рамките на Агенцијата за филм“, рече таа.

Во меѓувреме, Мета.мк добила потврда од Владата дека нејзината оставка е прифатена, но и дека не е назначен нов директор на нејзино место.

„На последната владина седница на барање на в.д. директорката е прифатена оставката, а нов директор не е назначен“, велат оттаму.