Тимот WebPillar & Data Consulting го понуди најкреативното софтверско решение во рамките на хакатонот организиран Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис. Ова е второ издание на онлајн хакатонот за отворени податоци за студенти и стартапи.
Натпреварувачите на хакатонот имале за задача да изготват софтверски решенија за визуелизација на податоци, поврзување на две или повеќе бази на податоци или олеснување на процесот на ажурирање на јавно достапните бази на податоци објавени од страна на една или повеќе јавни институции.
Победничкиот тим WebPillar & Data Consulting понудил веб решение што ќе овозможи мапирање и споредба врз основа на повеќе параметри на основните и средните училишта во Република Северна Македонија.
Тимот доби финансиска поддршка од 3,000 американски долари наменета за комплетирање на демо верзијата во функционална апликација.
„Користејќи ги отворените податоци, преку иновативни идеи и примена на постоечки знаења, креативните тимови од повеќе сектори имаа можност да понудат софтверски решенија кои ќе бидат во полза на граѓаните, користејќи отворени податоци од јавно достапни бази на институции“, велат од Метаморфозис.
Оттаму додаваат дека отворените податоци, освен тоа што преку транспарентноста и отчетноста на властите ја зголемуваат довербата на граѓаните во институциите, можат позитивно да влијаат врз деловниот, академскиот и граѓанскиот сектор.