ТИМСС тестирање: По математика на 45 место, а по природни наука 51-ви од 58 држави

Република Северна Македонија во математичка писменост од 58 држави е на 45 место, а во природни наука сме подолу рангирани односно од 58 држави учеснички Северна Македонија е на 51 место. Ова го покажаа резултати од меѓународното ТИМСС тестирање спроведено во 2019 година.

Во математичка писменост најдобри постигања на тестирањата има Сингапур, па Хонг Конг, Кина, Јапонија… Во однос на земјите од опкружувањето нашите ученици се подобри во математика од учениците од Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

„Резултатите од меѓународното тестирање ТИМСС ни давaат вистинска слика за тоа каде се наоѓа нашиот образовен систем на глобалната карта по математика и природни науки и колку нашите ученици се оспособени да го искористат сопственото знаење. Тестирањето ни покажа дека како земја генерално имаме капацитет да создадеме квалитетно едуцирани генерации, но дека треба уште многу да се работи. Затоа веќе работиме на целосно нова концепција за основно образование која треба да го поттикне и изрази полниот потенцијал на секое дете. Исто така треба да создаде идни генерации кои нема само да меморираат факти туку ќе носат заклучоци базирани на анализа на факти“, соопштија од МОН по повод објавените резултати од тестирањето.

ТИМСС е меѓународно тестирање по математика и по природната група предмети (физика, хемија, биологија и географија) која ги мери знаењата и способностите на учениците во IV и во VIII одделение. Досега Македонија има учествувано во три циклуси: TIMSS 1999, TIMSS 2003 и TIMSS 2011 со популација на ученици само од VIII одделение, додека лани за првпат ги тестираше учениците од IV одделение.

Ваковиот тип тестирања и добиентите резултати е најавено дека ќе бидат основа за понатамошен развој и креирање политики за унапредување на квалитетот на образовниот систем.