„Тиндер“, но и останатите апликации за состанување ќе добијат нова опција за проверка на личноста со која сте закажале средба во живо. Опцијата ќе понуди поголема безбедност на корисниците на апликацијата за состанување.
Новата опција е создадена од страна на женската непрофитна платформа за безбедност „Гарбо“.
„Гарбо“ ќе дозволи евтини проверки на личноста, само преку внесување на лично име и презиме и телефонски број, бидејќи ова се основните податоци кои „Тиндер“ корисниците ги споделуваат пред да договорат средба.
Опцијата ќе биде воведена годинава на територијата на САД, а преку неа ќе бидат проверувани евентуални апсења и историја на насилство.
„Гарбо“ е создадена од Кетрин Космидес, жена која преживеала родово базирано насилство. Кетрин изјавила дека сака да создаде платформа која ќе понуди важни информации за лицата со кои се запознаваме преку интернет.
Од „Гарбо“ посочиле дека се загрижени поради системската нееднаквост на правниот систем на САД и истакнале дека се дистанцираат од практики кои промовираат расизам, омраза и опресија.
Во рамките на проверката нема да бидат достапни информации за поседување на дрога и сообраќајни прекршоци, освен во случаи на возење под дејство на алкохол и сообраќајни несреќи со жртви.
„Истражувањата кои ги правиме досега покажале дека не постои врска помеѓу поседувањето на опојни средства и родово базирано насилство. Ние ќе продолжиме да правиме евалуација преку јавните податоци и извештаи за да го спречиме родово базираното насилство во дигиталната ера“, изјавиле од „Гарбо“.
Извор: Euronews