Две години откако создаде платформа преку која се следеа податоците за КОВИД-19 низ светот, 19-годишниот Ави Шифман своите вештини ги фокусираше на друг проблем – војната во Украина.
Шифман, кој е студент на Харвард, веднаш по почетокот на воената инвазија од Русија врз Украина дошол на идеја да понуди некаква помош за стотиците илјади жители кои ја напуштаат земјата која е под напад.
Заедно со неговиот колега Марко Бурстајн тие го креираа UkraineTakeShelter.com, вебсајт кој ги поврзува украинските бегалци со оние кои нудат сместување за нив.
Сајтот првично е наменет за наоѓање домаќини кои би сместиле бегалци во државите западно од украинската граница – Полска, Унгарија, Романија, Молдавија и Словачка. Но, покрај овие локации, било кој низ светот може да се вклучи на платформата и да понуди сместување.
Бегалците едноставно можат да се поврзат на страницата преку нивните телефони или компјутери, да го внесат најблискиот град до кој се наоѓаат и ќе добијат листа на луѓе кои нудат сместување во близина, како и бројот на лица кои можат да прифатат и условите кои ги нудат. Домаќините можат да бидат контактирани преку Телеграм, ВатсАп или пак некој друг начин на контакт кој го оставиле при регистрација на сајтот.
„Домаќин може да биде семејство, универзитет со простор во студентски дом, а на сајтот може да постават огласи и хуманитарни организации“, посочува Шифман.
Сајтот во моментов е достапен на англиски, украински и полски, но во иднина платформата ќе може да се користи и на германски, романски, словачки, руски и француски јазик. Шифман вели дека со задоволство би прифатил волонтерска помош за превод и на други јазици.
Тинејџерот вели дека сега се труди преку медиумите да информира за сајтот и да ја подигне свеста во што е можно повеќе држави каде бегалците можат да најдат засолниште.
„Веќе повеќе од милион бегалци ја напуштија земјата. Навистина е непрактично и нереално да очекувате хуманитарните организации ефикасно да ги спојуваат бегалците со нивните домаќини кога е во прашање олку голема бројка. Токму затоа, она што ми се допаѓа околу овој вебсајт е тоа што им ја враќа моќта назад во рацете на бегалците и тие можат да направат иницијатива“, објаснува Шифман.
Сајтот UkraineTakeShelter.com е само последна од неколку платформи кои ги креирал Шифман со цел да помогне. За сајтот со кој се следеа случаите со КОВИД-19 веќе ја доби наградата „Веби“ за интернет достигнувања, додека претходно го покрена и сајтот 2020protests.com, кој ги собираше информациите за протестите на движењето „Животите на црнците се важни“ (Black Lives Matter) низ САД. Исто така во 2020 година го направи и сајтот WhoTo.Vote, со кој се бореше против дезинформациите и ги презентираше главните теми на американските избори 2020 година на непристрасен и начин лесно достапен за корисниците.