Тинејџерката која со својот мобилен ја сними полициската бруталност, а воедно и убиството на Џорџ Флојд – видео кое подоцна помогна да се создаде глобалното движење против расната неправедност, вчера доби специјално признание од „Пулицер“, пренесува „Euronews“.
Дарнела Фрејзер била признаена поради „храбрата снимка од убиството на Џорџ Флојд, видео кое ги поттикна протестите против полициската бруталност ширум светот, нагласувајќи ја екстремно важната улога на граѓанските новинари и нивната потрага по вистина и правда“.
Фрејзер имала 17 години кога го снимила убиството на Флојд минатата година. Таа го постирала видеото на нејзиниот „Фејсбук“ профил неколку часа по случката, поттикнувајќи ги протестите што се проширија ширум светот.
Видеото беше глобално споделувано и истовремено многу важен доказ за време на судењето на Дерек Шовин, поранешниот полицаец кој клечеше врз вратот на Флојд, гушејќи го девет минути и дваесет и три секунди и покрај тоа што Флојд нагласувал дека не може да дише. Во април, Шовин беше обвинет за второстепено ненамерно убиство, третостепено убиство и изживување. Тој ќе биде казнет на 25 јуни.
Минатата година, Фрејзер беше одликувана и од „ПЕН“ Америка, организација за човекови права и книжевност. Таа била наградена со „ПЕН – Бененсон“ одликата за храброст.
„Со ништо повеќе од телефон и невидена храброст, Дарнела го смени правецот на историјата во САД, поттикнувајќи храбро движење кое побара крај на систематскиот расизам и насилство од страна на полицијата“, изјавиле во таа пригода од „ПЕН“ Америка.
Фрејзер сведочела на судењето на Шовин, објаснувајќи им на поротниците дека Флојд ја потсетува на нејзиниот татко и другите мажи во нејзиниот живот, па често си помислува дека тие би можеле да бидат на неговото место.
„Многу ноќи не спиев и му се извинував на Флојд што не сторив нешто повеќе и не сторив физички чин за да го запрам неговото убиство“, изјавила таа во нејзиното сведоштво.