19-годишниот Џек Свини, кој се прослави затоа што на социјалните мрежи го следеше приватниот авион на Илон Маск, постави нова цел – сега ги следи авионите на руските милијардери и олигарси.
Тинејџерот од Флорида кој ја одби понудата на Маск од 5.000 долари да го избрише Твитер профилот кој го следеше неговото летало, по воената инвазија на Русија врз Украина покрена две нови автоматски Твитер профили @RUOligarchJets и@Putinjet. Овие профили, кои засега собраа скоро 300.000 следбеници, во живо го пренесуваат движењето на приватните авиони на некои од најбогатите Руси и локациите на кои слетуваат и од кои полетуваат.
Дел од авионите кои Свини ги следи припаѓаат на сопственикот на фудбалскиот клуб Челзи, Роман Абрамович, бизнисменот Алишер Усманов, како и сосптвеникот на руската компанија Новатек за производство на гас, Леонид Микелсон.
Руските олигарси во моментов се соочуваат со економски хаос во нивната матична држава по острите санкции од Западот откако претседателот Владимир Путин нареди неговата армија да ја нападне Украина.
Во интервју за Блумберг, Свини вели дека е шокиран од големината на авионите кои ги користат руските олигарси. Најбогатите луѓе во земјата патуваат во авиони со комерцијална големина, како Ербас А319 или Боинг 737, пренесува Си-Ен-Ен.
Неговите профили следат повеќе од 40 авиони и хеликоптери поврзани со руските олигарси. Тој повикува и други граѓани да му помогнат за да ја зголеми количината на авиони кои може да ги следи.
Во меѓувреме Твитер профилот кој го следи авионот на Маск и понатаму е во функција. Свини во интервју вели дека ќе го избрише единствено во замена за новиот модел на автомобилот Тесла.