Под мотото „Системот заборава, ние не!“ во Скопје денеска се одржи протестен марш од Влада, преку Судски совет, Собрание, па се’ до Кривичен суд.
Инициран до граѓанското движење „Кој е следен?“, протестот беше потсетсетник на сите жртви од поголемите трагедии во поновата македонска историја. Односно, како што рекоа активистите, потсетник за секоја колективна траума што политичарите ја користат за поделби, а притоа се служат со лаги и напади бидејќи се плашат од вистината.
„Денеска сме на улица за да се избориме против системот кој не’ тера да ги заборавиме сите овие трагедии. Исто така, протестираме за сите барања кои досега се изнесени во јавноста, а властите се запознаени. Но, повеќе се вртат муабети ‘кои сме ние’, наместо да се обрне внимание на она што всушност го бараме. Апелирам до сите граѓани, да го кренат својот глас и да кренеме глас против неправдите, конечно да добиеме правда и безбедност во ова место каде живееме“, рече претставничката на „Кој е следен?“, Анастасија Митревска, која на почетокот на маршот зборуваше на блокираниот булевар „Илинденска“ пред белата владина зграда.
View this post on Instagram
Граѓаните со веќе претпознатливиот голем транспарент „Системот е следен“ потоа маршираа по скопските коловози извикувајќи „Нема да молчиме“, „Правда за жртвите“, „Сакаме правда“, „Доста беше смрт“, „УА профитери“…
Попатно повторно кај Градската болница беше даден аплауз за сите здравствени работници што им помагаа на повредените од трагедијата во Кочани.
Кога насобраните граѓани стигнаа кај Кривичен суд, таму граѓаните извикуваа „Ваша корупција, наша смрт“.
Настапи и триминутен молк за сите досегашни жртви од случаите со дискотеката „Пулс“, модуларната болница, „Дурмо Турс“, „Беса Транс“… Беа читани и нивните имиња и презимиња, еден по еден.
„Слава им“ громогласно одекна по молкот.
Потоа, девојка од иницијативата „Кој е следен?“ со микрофонот кажа симболична приказна за жаби. Ако една жаба ја ставиш во казан со жешка вода што веќе врие, рече таа, жабата ќе скокне и ќе избега. Но, ако една жаба ставиш во казан со ладна вода и водата постепено се вжештува и вжештува, па после почне да врие – жабата нема да избега и ќе се свари жива.
„Трагичното во оваа приказна е што вистинската жаба ќе скокне да се спаси, во вториот случај. А човек во ужасна околност која се создава постепено, нема да направи ништо. Луѓе, водава во која ние се наоѓаме врие на најјако. Не’ варат живи, се гушиме и ние не скокаме за спас. Каде е борбата за достоинствен живот? Тие што останавте дома зарем не верувате дека заслужувате повеќе од оваа реалност што ја живееме сега? Каде е визијата за подобра иднина? Каде е вербата дека во Македонија може да има таква? Во овој систем има тотален колабс на позитивни вредности. За да смениме нешто мора прво да имаме верба и јасна слика како сакаме да биде. Време е сите да преземеме нешто за да скокнеме од казанот и да се спасиме од врелава вода“, рече таа.
Активистката Билјана Кочоска од „Кој е следен?“ зборуваше во однос на нападите со кои се соочени граѓаните изминатиов период, кога беа нарекувани „лешинари“, „глодари“, „некрофили“, „платеници“…
„Според нив, ние не бараме правда, ние бараме крв. Ние не сакаме безбедност, ние сакаме власт. Како да е невозможно едноставно да ти е доста. И да, сите ние што работиме сме платеници. За плати што едвај ни стигаат да преживееме. Но, има една разлика. Ние сме платени за работа, тие се платени од сите нас за да го средат системот. И не го прават тоа. И замислете ја иронијата. Платениците кои што не прават ништо за да го средат системот, не’ нарекуваат нас платеници затоа што сме си ја платиле сметката и сме дошле на протест тука. Македонците, пак, полесно ќе го замислат крајот на светот отколку политичко движење што не е партија. Ако си гласен си партија. Ако се организираш си закана. Ако спомнеш жртва, ја злоупотребуваш. Ако молчиш си нормален“, посочи Кочоска.
Таа рече дека не сакаат да бидеме нормални во овој ненормален систем. Во „Кој е следен“ се економисти, правници, психолози, комуниколози, ИТ инженери, кодери, доктори, учители, урбанисти и архитекти.
„Немаме партиски тап, немаме скриена агенда, имаме совест, имаме очи – гледаме што не чини. Овој систем не е теорија. Тоа е реалноста што не’ убива. Полека, тивко и секојдневно. А тие што треба да го средат, ни се смеат, не’ навредуваат, не’ оцрнуваат. Но, ние не сме тука за нив. Тука сме за сите нас. Не бараме фотелји. Бараме правда. Не сме гладни за моќ, гладни сме за сигурност. Не сме тука да срушиме држава. Тука сме да си ја вратиме. И до сите ѝ што уште мислат дека сме марионети, ви оставам едно прашање: ‘Ако ние сме тие што треба да го сменат ова, тогаш зошто толку ни се плашат? Зошто треба да ги кажуваат сите овие невистини за нас?’. Ова не е крајот на светот, ова е крајот на молкот“, рече активистката, заблагодарувајќи се што сите дошле и покрај нападите, а притоа најави дека борбата продолжува и секој може им се придружи.
Инаку, вчера „Кој е следен?“ до Владата го достави своето прво официјално барање. Тоа се однесува на платформа „Е-инспекторат“, односно за спроведување електронски систем за внесување на записници од инспекциските надзори врз локалите.
„Кој е следен?“ го поднесе своето прво барање и најави нов протест „Системот заборава, ние не!“
Ова би значело, да се отвори веб-страница каде секој ќе има пристап, ќе може да го напише името на субјектот на локалот, а таму биде објавена целата документација од инспекторските надзори – дали се позитивни или негативни.
„Во случај да напишете, на пример, името на субјектот и да не ви излезе ништо за тој субјект, тоа значи дека истиот врши дејност која ја нема регистрирано во соодветните регистри. За жал, имаме голем број такви“, рече Умејр Муамеди од иницијативата.
Воедно, потврди дека веќе имаа и други свои барања, а во фаза се на изготвување и на нови, кои етапно ќе бидат доставувани до институциите.
Движењето „Кој е следен?“ објави нови барања за безбедност и превенција
„На нас ни е јасно дека ‘Е-инспектор’ не може да се направи за 5-10 денови. Во тој аспект, тимот на ‘Кој е следен?’, кој е составен од софтверски инженери, архитекти, правници… ќе стои на располагање на владата за логистичка поддршка за имплементација на барањата“, рече претставникот на инцијативата.
На прашањето дали доколку нивните барања се игнорираат од властите, би прераснале во политичка партија или политички субјект, од „Кој е следен?“ истакнаа дека моментално немаат таква амбиција и дека тука се за суштински, системски промени.
„Бидејќи, јасно ни е на сите дека кој и да дојде на власт, со вака поставен систем, не очекуваме дека нешто ќе се смени“, нагласија oттаму.
Бојан Шашевски