„Тоа сме ние“ – книжевно читање на новата генерација во среда во МКЦ

Во среда (13.11.), со почеток во 20 часот, во бифето на Младинскиот културен центар (МКЦ), ќе се одржи книжевно читање „Тоа сме ние“ на кое ќе настапат десет млади автори од новата книжевна генерација.

„Што е таа шарена маса што се движи низ градот? Што е тоа што бои и раздвижува? Што е новото на книжевната сцена? Има ли ново? Се случува ли нешто? Што е тоа што гриза, а не боли, што расте и се развива? Што е тоа што е тука, што се чита, што лесно се споделува? ТОА СМЕ НИЕ! Книжевно читање на дел од младата книжевна генерација во Младинскиот културен центар, на Денот на ослободувањето на Скопје, потсетуваме како се обидуваме да ја ослободуваме книжевната сцена“, најавуваат од „Култура Бета“

На читањето ќе настапат Ивана Јовановска, Моника Стојановска, Ива Петреска, Ангела Бошкоска, Сатја Александар Давитков, Викторија Ангеловска, Стефан Спасовски и Марија Ангеловска, како и Марија Велинова и Андреј Медиќ Лазаревски кои ќе го модерираат настанот.

„Тоа сме ние“ е во организација на Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“.