Томи Апостолов, гитарист на „Kolt“: Прв пат сум во бенд кој функционира во секој поглед

Златко Петровски -вокал, Ник Велевски – бас, Томи Апостолов – гитара и Дејан Которчевиќ – Котор на тапани е составот на младиот скопски бенд „Kolt“ кој постои веќе една година и интензивно работи на создавање рок музика. Во име на бендот, гитаристот Томи Апостолов  за Радио МОФ отворено зборува за предизвиците во музичкиот свет, но и за принципот на работа меѓу членовите на бендот.

Вие сте релативно млад бенд кој активно започна да продуцира музика во јануари годинава. Како се создаде бендот, што ве поттикна да го формирате „Kolt“?

Го оформивме бендот со Ник Велевски затоа што сме ептен добри пријатели кои имаат скоро идентичен вкус за музика и затоа што сметаме дека можеме да создадеме нешто во кое што некој ќе се пронајде и што ќе го одалечи од секојдневието. Со Ник имам неверојатна хемија кога работиме, никогаш не ни биле потребни повеќе од дваесет минути за да склопиме песна. Некогаш едниот од нас има идеjа која му ја презентира на другиот, па ја развиваме оттаму, а некогаш почнуваме од нула. По пет месеци од почетокот на бендот имавме доволно песни за два албума.

Кои се всушност членовите на Kolt, која е приказната за составот и како успеавте да се надополните еден со друг?

Дејан Которчевиќ – Котор е основата, не можеш да имаш добар рок бенд ако немаш добар тапанар. Сите останати може да свират супер, но ако тапанарот не внесе доволно енергија и чувства во ритамот, песната не може да оживее. На проби најмногу комуницирам со Котор и најважно ми е подлогата за песната да биде динамична и енергична, се друго е во втор план. Ник е задолжен за пополнување на бас фреквенциите. Секогаш смислува мелодични бас линии кои што никогаш не би ми дошле на памет, а совршено се вклопуваат во песните. Не се сеќавам кога последен пат, и дали воопшто, му имам предложено да промени нешто кај бас линиите. Никогаш не гледа да покаже што може и знае технички да отсвири, работи во прилог на песната, како што и треба да биде.

Златко е оној кој преку текстовите им го дава когнитивното значење на песните. Сликата за песната сосема се менува кога ќе се впишат зборовите, апстрактното се сведува на импресионизам, овозможувајќи му на слушателот полесно да се поврзе со музиката. Од албумов би ги издвоил ,,Elegy Of Destruction”, ,,Dry” и ,,What’s Your Poison?” како песни со текстови кои на мене ми оставија најсилен впечаток. Не е се до музиката, членовите од бендот мора да си одговараат и да се разбираат како луѓе. Прв пат во животов сум во бенд кој што функционира на секое поле, точно знаеме што сакаме и како да стигнеме до тоа. По се што имаме поминато во други бендови и проекти, решивме дека нема да правиме компромиси со ниедна надворешна страна. Ако некој сака да соработува со нас тоа мора да биде по наши правила.

Според досегашното искуство, кои се пречките со коишто се соочува еден млад бенд?

Ги има премногу. Мислам дека најнепремостливи се финансиите и промоцијата. Потребни се пари за да ја снимиш музиката, потребни се пари за реклама, потребна е изложеност – радио станици што ќе ја пуштаат твојата музика, телемаркетинг, весници што ќе објавуваат за излегувањето на албумите и други новости поврзани со бендот. Потребни се пари за да испечатиш CD-а. За воопшто некој да влезе во продавница и да ти го купи албумот претходно мора да знае дека тој бенд постои и дека има издадено албум.

Секој бенд треба да создаде обртен капитал и тоа ќе му овозможи непречено да продуцира нов материјал.

Бендот ќе настапи како финалист на Лузер фест, на 29-ти ноември (сабота). Зошто се пријавивте и дали очекувавте дека ќе стигнете до финале?

Се пријавивме бидеќи во моментов ни требаат што повеќе настапи во живо за да успееме да го промовираме албумот како што треба. Работевме цела година на овие песни, дадовме се од себе и мислам дека имаме одличен албум. За сега имаме само позитивни коментари од оние кои го имаат слушнато. Жалосно би било да не се обидеме да го презентираме пред секој кој сака ваков вид на музика. Не можам да речам дека очекувавме дека ќе не изберат како финалисти, но дефинитивно се надевавме на тоа.

Во декември треба да излезе вашиот албум. Колку песни ќе има и каков жанр е застапен?

Се уште немаме точен датум за промоцијата на албумот, но целиме кон  првата половина на декември. Ако се оди по план, а најчесто не оди, ќе го објавиме датумот до крајот на месецов. Албумот е составен од единаесет песни во кои споивме рок, панк-рок, метал и блуз.

Забележав дека песните се напишани на англиски јазик. Има некоја посебна причина?

Сметаме дека англискиот подобро се вклопува со музиката која што ја правиме, ни звучеше помелодично, а има и повеќе зборови од македонскиот.

Е.П.