Томи Стефановски пливаше за инклузија на децата со атипичен развој и инвалидизираните лица

Македонската пливачка легенда Томи Стефановски за 4 часа пливаше во Охридското езеро за инклузија на децата со атипичен развој и инвалидизираните лица во рамки на хуманитарниот настан „Пливање за инклузија“. Повод за овој подвиг, пливање 15 километри од хотел Десарет во месноста Пештани, до Црквата Св. Јован Канео и назад до охридското пристаниште, е 15 годишнината од препливување на каналот Ла Манш.

„Оваа соработка која настана и ме мотивираше да го поставам овој предизвик, сакам да прерасне во традиција. Секоја година на 14-ти август да се потсетуваме дека треба да се грижиме за сите деца кои, поради различни причини, не добиваат можност да бидат дел од спортот и општествените настани“, рече Томи по завршување на пливањето на Охридското пристаниште.

Хуманитарниот настан Стефановски го организира со невладината организација ИТК Македонија – Скопје и Охридскиот Пливачки Маратон.

Според Мартин Мојсовски од ИТК Македонија – Скопје, овој настан претставува обид за уште поголемо вклучување на лицата со атипичен развој и инвалидизираните лица во спортот и физичкото образование.

„Заедно со мојот колега Радован Вељановски се бориме за поголема инклузија во спортот и професионализирање на професијата тренер во адаптивни спортови. Полека, но сигурно добиваме се поголема поддршка од заедницата и овој потфат на Томи е од огромно значење за подигнување на свеста за лицата со атипичен развој и инвалидизираните лица во спортот и нивна интеграција во системот“, објасни Мојсовски.

Ристе Јанкоски, претседател на организациониот одбор на Охридскиот Пливачки Маратон, рече дека овој хуманитарен настан ќе прерасне во традиција за да се помогне онаму каде што е најпотребно.

„Само со заедништво може да им пристапиме на вакви социјални предизвици и инклузијата не само во спортот, туку и во секојдневниот живот, да е нешто нормално. Со овие чекори сакаме на многу поединци и групи да им дадеме шанса да бидат дел од спортот и од општествените збиднувања“, заврши Јанкоски.

Инаку, на 14 август 2009-тата година, Стефановски го преплива каналот Ла Манш по повод 50-годишниот јубилеј од првото препливување на каналот од Македонецот Нико Нестор (1958) и 40- годишнината од препливување на првата Македонка, Атина Бојаџи (1969). Тогаш, потфатот на Стефановски траеше цели 7 часа и 42 минути, резултат кој е 13-ти на вечната листа во 149 годишната историја на препливување на каналот.