Актерот Тони Михајловски е добитник на наградата за животно дело „Петре Прличко“ за 2024 година, информира Општина Велес.
Одлуката ја донесе жири комисија во состав на актерите Слободанка Чичевска, Фаик Мефаилоски и Благојчо Стојанов.
Наградата ќе биде врачена во рамки на фестивалот на комедија „5ре“ кој ќе се одржи од 20 до 31 март.
Во рамки на фестивалот на комедија ќе се одиграат шест претстави. Манифестацијата започнува со претставата на велешкиот театар „Вечера за глупаци“ во режија на Ненад Витанов, потоа следуваат претставите „Чудна случка со кучето во ноќта“, „Мој термин“ во изведба на МНТ, „Црвенкапа“ на Театар за деца и младинци, „Секс и лаги“ во изведба на кумановскиот театар, „Женидба“ на Народен театар Штип и стенд ап комедија на Сашко Коцев.
Театарскиот фестивал на комедија се одржува по трет пат во организација на Здружение Плус публика.