Радио МОФ ги одвои настаните, личностите и состојбите што ја одбележаа изминатата 2022 година. Сигурно нешто ненамерно заборавивме, ама листата е долга, како што и годинава беше долга и полна со моменти на неизвесност, надеж после пандемиските пикови, имаше и разочарувања и спонтани забавни работи. Од се’ по многу. Затоа вклучивме и теми со активизам, политика, култура, образование, дискриминација… и се’ измеѓу.
1. Враќање на „старото нормално“
Реисот Сулејман Реџепи во улога на доктор-пророк уште во 2020 година „го прогласи Ковид-19 за умрен“. Не дека Реџепи е потомок на Нострадамус, не дека коронавирусот комплетно исчезна во 2022, ама умреа карантините и рестрикциите. Се врати „старото нормално“.
Владата на 3 мај ги укина меркитe. Единствено остана на сила носењето маски во болници, аптеки и јавен превоз. Таа мерка важи и ден денес, но е практично про-форма. Ретко некој ја почитува, ниту некој проверува дали некој ја почитува. Маски сега повеќе се носат против отровниот воздух. „Пече“ на нос без маска, така да, дури и препорачливо е да носите надвор маска докај март-април. Пример, додека шетате низ центар кај бикот што и годинава остана без опаш.
Ако лани беше година на „ваксајн“, како што велеше бившиот премиер, оваа година имунизацијата прекина да биде „тикет“ за преминување граница, патување во Странција, или влез во молови и дискотеки. Јавните настани и фестивали се вратија во живот. Се вративме на нашите омилени места. Опуштени, ослободени, само сега изгор скапи со новите цени. Дури се отвори „Балет“ и се случи ново издание на „Под земја полесно се дише“.
По влијанието што Ковид-19 кризата ги имаше врз младите, нивните услуги и права, сепак некако најмногу се анализираше менталното здравје. Врз менталното здравје секако влијаеја и изолациите, неодењето по родендени и социјални собири, но и „думскролањето“ и „дремењето“ пред екран. Светска студија покажа дека децата на возраст од 6 до 10 години пред екран поминуваа 83 минути повеќе во пандемијата, додека возрасните 58 минути повеќе пред своите уреди. Ковид-19 остави трага и врз образовниот процес и пазарот на трудот. Над 3.000 млади во Македонија останаа без работа, сметано уште лани.
По Ковид-19, сега јавниот фокус се префрли кон енергетската и економска криза.
2. Војната во Украина ги размрда светот и Македонија
На 24 февруари со експлозии во Киев, Харков и Одеса започна руската инвазија врз Украина која го промени светот кој дотогаш го знаевме и предизвика огромен глобален домино-ефект. Од масовна бегалска криза, воени злосторства и протести за мир, преку меѓународна изолација на Русија, до недостаток на храна и енергенси.
Војната, на која и понатаму не ѝ се гледа крајот, досега однесе најмалку 6.800 цивилни жртви и десетици и десетици илјади војници, а 7,8 милиони бегалци ја напуштија земјата од почетокот на инвазијата. Светот се мобилизираше на анти-воени протести, на кои се приклучи и Македонија, а во Русија се апсеа критичките гласови, се затвораа независните медиуми и се блокираа социјалните мрежи.
[Подкаст] Мегафон: Патешествието на Стефан и Вероника кои избегаа од бомбите во Украина
Русија беше обвинета за воени злосторства, особено по стравичните слики кои стигнаа од Буча, каде по повлекувањето на руската војска беа откриени стотици тела на мртви цивили. Властите во Москва на се` ова одговорија со уште бомби и со организирање квази-референдуми преку кои го оправдаа присоединувањето на четирите украински региони, Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон.
За целите овие повеќе од 10 месеци, поранешниот актер и комичар Володимир Зеленски стана едно од најпознатите имиња во светот. Освен како предводник украинската армија, неговата популарност растеше со неговите секојдневни говори и апели, на кои светската јавност гледаше како симбол на отпор и зрак надеж дека во војната меѓу Давид и Голијат „малата“ Украина може да ја победи големата Русија. Тајм одлучи токму тој да биде личност на годината, заедно со „духот на украинскиот народ“.
И додека светот ќе прославува на новогодишната ноќ, милиони луѓе во Украина следната 2023 година ќе ја дочекаат во мрак и студ подготвувајќи се за најлошата зима во нивните животи.
3. Цените го пробија плафонот
Нападот на Украина предизвика економски земјотрес во глобалната економија, а кризата силно се почувствува и во Македонија. И покрај бројните анти-кризни мерки кои ги донесе Владата, цените на основните прехрамбени производи неконтролирано растеа што заедно со растот на цените на енергенсите предизвика највисока инфлација во земјава последниве 25 години од речиси 20%.
Од граѓани кои панично купуваа големи количини брашно и зејтин до долги редици на бензинските пумпи со цел да го наполнат резервоарот по поефтина цена, со недели главната борба на власта беше да го спречи стравот кај граѓаните дека ќе останат без храна или гориво. Дел од производите „магично“ исчезнуваа од рафтовите на супермаркетите, па потоа се појавуваа со нови „напумпани“ цени.
[Мегафон] Дуковска: Младите не сакаат да зборат за себе како за сиромашни – нема кој да ги слушне
По летото граѓаните почнаа да стравуваат за тоа како ќе ја поминат зимата. Од тоа дали ќе имаат парно до тоа дали ќе има рестрикции на струја и која цена ќе се плаќа за електричната енергија. Владата прогласи нова енергетска криза и го зголеми домашното производство на струја, притоа активирајќи дел од системот кој требаше да заминува во историјата, додека дел од граѓаните, поради растот на цената на струјата, повторно се свртеа кон енергенсите кои се поефтини, но и повеќе загадуваат.
Цената на струјата неколкукратно ги покачи сметките на јавните институции, што предизвика нарушување на работата на дел од јавните услуги, што најсликовито се покажа преку гасењето на јавното осветлување низ голем број македонски општини. Како одговор на овој проблем Владата реши да ги стави училиштата на регулираниот пазар, а болниците помалите компании да плаќаат пониска цена од берзанската. Истовремено на институциите им беше наложено да штедат струја.
4. Политички поместувања, протестирања и попишувања
Почетокот на годината го одбележа формирањето на новата македонска влада која беше избрана на 17 јануари, на чело со премиерот Димитар Ковачевски. Составот на владата го сочинуваа 17 мажи и 4 жени, а меѓу нив се најдоа и тројца нови министри.
Она што можеби најмногу ја одбележа годината на политички план, оваа година беше Францускиот предлог односно предлогот од француското претседателство за решавање на спорот помеѓу Македонија и Бугарија, со цел да се тргне бугарското вето за почеток на преговорите со ЕУ. Предлогот беше во фокусот на јавноста неколку месеци. Во целиот тој период можеби најистакнато беше незадоволството од предлогот, односно протестите кои во повеќе наврати ескалираа. Протестите резултираа со десетици повредени полицајци, уапсени демонстранти и бројни кривични пријави.
Неколку недели подоцна, Собранието даде зелено светло за предлогот, по што следуваше одржување на првата меѓувладина конференција во Брисел, со што официјално започнаа преговорите за полноправно членство на Македонија во Европската Унија.
Оваа година се одржаа и локални избори, но само во неколку општини. Граѓаните во општините Центар Жупа и Маврово и Ростуше успеаја по трет пат да изберат градоначалник во нивните општини. На избори излегоа и тетовчани, но, само за советот на општината, откако Владата претходно го распушти советот поради неисполнување на услов од Законот за локална самоуправа, односно недонесувањето на завршната сметка на Буџетот од 31 март.
По 20 години, конечно се попишавме, а од бројките и имаше што да се види. Со пописот кој се спроведе во 2021 година, а од кој првичните официјални податоци излегоа во март годинава, покажаа дека во земјава има 185.000 граѓани помалку, односно вкупно 1.836.713 жители. Пописот покажа дека Македонија остаре и изгуби значаен дел од своето население, исто така ни предочи дека над 420 населени места имаат изгубено повеќе од половина од своето население, 205 дека немаат ниту еден жител, додека 218 населени места имаат под 10 жители. Дополнително, преку резултатите од пописот уште еднаш се увиде дека младите се иселуваат и дека возрасната категорија од 15 до 29 години е една од најпогодените.
5. Нови и стари образовни проблеми
Образовната 2022 година започна со старо-нови вести. Според рангирање на webometrics.com, каде се рангираат 31.000 високошколски установи низ светот, од 22 македонски универзитети, само 5 беа подобро рангирани во споредба со податоците од пред шест месеци. Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) се најде на 1.594 место во светот, што е пад од 101 место во споредба со претходното рангирање. УКИМ се најде и на 1.709 место по рангирањето на академските резултати (УРАП), а дополнително беше рангиран на 1.964 место меѓу 2.000 најдобри универзитети на листата на Центарот за рангирање на светски универзитети.
И оваа година немаше македонски универзитети на Шангајската листа, односно Академското рангирање на универзитетите во светот.
Образовната година ја одбележа и штрајкот на просветните работници, кои бараа зголемување на платите. Штрајкот започна на 11 април, а по неколку несогласувања, на 18 мај беше постигнат договор просветните работници од основното и средното образование и вработените во градинки од септември да добијат зголемување на платите од 15%.
Сојузот на средношколци годинава на неколку пати го потенцираше проблемот со превозот до училиште. Понатаму, учениците не добиваа, или добиваа оштетени учебници, па реагираа конечно да се среди ваквата состојба што се ширеше во Скопје, Битола, Велес, Прилеп, Делчево… дури и во некои од најголемите средни школи. Исто така, Сојузот упати реакција поради ветената, но неисполнета мерка за бесплатните производи за менструална хигиена кои им следуваа на скопските средношколки.
Дека е долг патот за образовната инклузија стана јасно со случајот на малата Ембла, која не беше во можност да го започне второто полугодие заедно со учениците бидејќи нивните родители не го прифаќаа девојчето со Даунов Синдром. Дискриминацијата ја утврди и Антидискриминаторска комисија, па училиштето имаше шанса за „поправен“, откако државата дозна за случајот и барем на момент се подразвбуди од реалноста. Малата Ембла инспирираше и уметничка акција „Допри ме“.
[Став] Родители и наставници, не се откажувајте од образованието на атипичните деца!
Младински образовен форум (МОФ) објави истражување за стапката на дискриминација на факултетите, според кое само 6,6 % од студентите некогаш пријавиле дискриминација. Поразителен е и фактот дека само 7,6 % од сите студентите знаат дека на факултетите има постапка за пријавување дискриминација, за која сметаат дека неефикасно се спроведува. 29,7% од студентите потврдија дека почувствувале дискриминација на своја кожа.
[Видео] Јасно и Гласно: Студентите ем дискриминирани, ем не пријавуваат
Хибридна настава, покачени стипендии, но и цени за меѓуградски превоз – ова се главните моменти со кои се соочија студентите изминатава академска 2021/2022 година. При најголем дел од предизвиците реагираше Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ), чиј лидер стана Славчо Темелковски. Тој се соочи со старо-нов проблем – студентскиот субвенциониран оброк (ССО).
Имено, откако беа објавени законските измени за (ССО), реакции имаа универзитетските и факултетските собранија. Според нив, со новиот предлог закон се стеснуваше кругот на студенти корисници на оброкот, па изби револт. Несогласувањата ги ставија студентските претставници, пратениците и надлежните на иста маса, додека студентите се собраа на протест пред Собранието каде оставија лепче и зденка и на пратениците им порачаа „Ајде да ги замениме оброците“. Потоа маршираа и до МОН. Се роди и „Студентски отпор“.
Студентските претставници најдоа привремено решение за студентскиот оброк, а најавија и решавање на проблемот на долга стаза. Конечно, по „академско доцнење“, МОН месецов го распиша конкурсот за студентски субвенциониран оброк.
Студентскиот стандард и условите во студентскиот дом „Стив Наумов“ беа една од најжешките образовни теми. Студентите кои живеат во домот анонимно за нашиот медиум ги кажаа поплаките, кои пак беа поддржани и со фотографии. Супстандардни тоалети, недостаток на топла вода и греење, влага, немање на изолација, лоша хигиена, недостаток на врати, а оттаму и приватност се само дел од проблемите на студентите сместени во „Стив Наумов“.
Срча, отпад, демолирани кошеви и столчиња, градежен шут… ова пак е реалниот опис не на уште еден студентски дом, туку на спортската сала наменета за Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (УКИМ) изградена пред 3 години на кампусот зад Економскиот факултет. Во неа сега може да влезе кој сака, бидејќи е оставена без врата. Разврската за оваа милионска инвестиција е во рацете на Агенцијата за млади и спорт и на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, но двете институции си ја префрлаат одговорноста.
Јавни реакции повлече и предлог буџетот за образование за 2023 година. Тој предвидуваше големи кратења токму кај ученичкиот и студентскиот стандард, намалување на средствата за инвестиции во образованието и преполовување на парите предвидени за наука.
Се чини дека сексуалното вознемирување е „вечен студент“ на УКИМ. Годинава се објавија две истражувања за сексуалното вознемирување и насилство на универзитетските кампуси. Првото, беше изработено од страна на студентите, додека второто беше изработено од универзитетски професорки. Според првото истражување, еден од пет студенти, или вкупно 91 лице било во ситуација професори да им се обратат со несоодветен прекар како „девојче“, „злато“, „кукле“, „маче“. Второто истражување покажа дека над 50% од испитаниците не можат да го препознаат сексуалното вознемирување, што го зголемува ризикот од виктимизација. Најголемиот дел од универзитетите меѓу нив и УКЛО, немаат Правилник за спречување и заштита од сексуално вознемирување на универзитет.
Во една ваква ситуација, светла точка е дека евалуацијата на пилот-програмата за Сеопфатно сексуално образование (ССО) покажа дека опфатените ученици знаат многу повеќе за своето сексуално и репродуктивно здравје и права, за разлика од своите соученици во другите училишта низ земјата.
Освен потребата за сеопфатно сексуално образование, актуелно беше воведувањето на медиумската писменост. Освен во основно и средно, таа полека го наоѓа својот пат до факултетските наставни програми на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а со тоа и до УКИМ, преку формирање предметна програма со прирачник составен од основните поими поврзани со медиумското едуцирање и работилници. Ваквиот предмет треба да биде достапен за слушање веќе од следната академска година.
Во духот на медиумската писменост, поделени во неколку групи, околу 100 средношколци од различни училишта од Македонија го посетија и одблиску се запознаа со работата на нашиот медиум. Средношколците во текот на „Медиумскиот ден“ заедно со соучениците дознаа како се „пече“ новинарскиот производ, како се прават вести, прилози, анализи, подкасти и разни мултимедијални содржини за млади, кои се белег на Радио МОФ.
[Фото] Околу 100 средношколци се запознаа со работата на Радио МОФ
И додека во исто време недостасуваа учебници, оние ученици кои ги имаа, ги добија со грешки. „Монт Еверест е највисока точка на земјата на 29.035 метри надморска височина“. Најниска точка е Мртвото Море, кое е повеќе од 1.400 метри под морското ниво“. Овие погрешни факти беа дел од учебникот „Историја и општество“ за 5 одделение кој е дел од новите учебници издадени од МОН, според новата Концепција за основно образование. По најдените грешки се јавија и авторките на учебниците, кои пак истакнаа дека грешките ги забележале веднаш по печатењето на финалната верзија на учебниците, а тие биле настанати во текот на финалните подготовки, но не биле забележани и покрај тоа што учебниците поминале низ сите законски предвидени филтри.
Годинава заврши „бомбастично“ за образованието. Повеќе од 20 денови стигаа дојави за бомби во разни градови низ Македонија. Учениците се евакуираа, родителите грижеа, а полицајците проверуваа и утврдуваа дека бомбите се лажни.
6. Култура вон време на корона
Враќање на „старото нормално“ значеше „култура вон време на корона“. Во превод – културните настани и фестивали си ја вратија основната дејност, без рестрикции за влез и движење. На луѓето им дојде преку глава од стримови и онлајн евенти, па со настаните се врати и социјалната компонента што недостасуваше во целиот културен мозаик.
Еден од најголемите јубилеи годинава беше „50 години МКЦ“. Младинскиот културен центар во Скопје одбележа половина век постоење со настани низ цела година, а јубилејот кулминираше со целодневен роденденски маратон. Посетителите низ цела оваа година се потсетија зошто е важна салата „25 мај“, каде стотици луѓе прописно се испотија или имаат жуљеви на нозе од играње. Луѓе кои гледаа свирки или перформанси на сцена, а потоа и самите свиреа или перформираа на таа сцена Исто беа и на настаните во киното „Фросина“, џебното кино, Планетарумот, новата пермакултурна градина, потоа ДКЦ, Ап(о)теката со плочи и сваштурии за спомен, но и крај скулптурата на Малиот принц, која го илустрира постојаното лутање низ планетата наречена МКЦ и постојаното балансирање меѓу световите на возрасните и оние кои никогаш не сакаат да пораснат.
Во МКЦ се случи Млад отворен театар, ново свежо издание на „Здраво Млади“ и се организираше „ПИН музичка конференција“ и „Liveurope“ фестивалот. Секако, традиционално се одржаа „Синедејс“, Земјотрес, но и „Лузер фест“ каде победи младиот кумановски состав „Беседа“. Во Центарот се одвиваа и дел од настаните на „МакеДокс“, „Скопски џез фестивал“ и „Оффест“.
Од останатите културни свртувалишта, Центар-Јадро беше активно со низа изложби, дискусии и алтернативни собиранки, потоа Партизанска штампа, СЦ „Дуња“, кафе-киното „Котур“, кафе-книжарницата „Буква“, „Ла Кања“ во Старата Скопска Чаршија…
За одбележување беше и „Таксират“, изгласан меѓу 10-те најдобри „индор“ фестивали во Европа. Ќе се сеќаваме на возобновениот мултимедијален настан на колективот „Кула“ – „Под земја полесно се дише“. 2022 го донесе и второто издание на „Скопски поетски фестивал“, „Cult, Alt, Repeat“ во МОФ, а се случи и првата едиција на фестивалот за алтернативна фотографија „Зрно“. Идејата потекна од неколку вљубеници во старите и благородни фотографски процеси. Креативците сметаат дека со некои од процесите се отвора убава можност за учење, суштинско и различно поимање на фотографијата.
[Интервју] Тимот на „ЗРНО“: Фотографијата е процес на кој му се восхитуваме
Годинава се случи и нова „Синестетика“ на подножјето на Водно. Од отворањето на фестивалот, па до самиот крај, свиреа локални артисти и бендови, а на околните дрвја беа изложени ликовни и литературни дела од повеќе домашни автори. Секој можеше да се приклучи, по желба. „Синестетика“ имаше и солидарна и хуманитарна димензија. Се’ на се’, фестивалот има потенцијал да го надоградува ваквиот концепт. А, самото тоа што беше во природа, на некој начин беше „statement“ спрема институциите и нивниот однос кон културата. Дека, вакво движење може и вака. Самоорганизирано.
Во Тетово, пак, актуелен беше Cultural Space Tetova. Не само поради настаните, туку и поради јавната поддршка што ја побараа дечките откако Општина Тетово побара да го ослободат просторот.
„Д Фестивал“ се органираше повторно во Дојран. Забава и култура, летен микс покрај езеро. Ем сонце, ем бендови, ем млада енергија распрскана наоколу.
[Галерија] „Д фестивал 2022“ – Деновиве во Дојран се „дише“ музика
На музички план, активни со алтернативни изданија и артисти беа „Шарла“, „PMGJAZZ“ и „Стотројка“. За подвлекување е и формирањето на „Гола планина“. Повеќе млади бендови и изведувачи, дел од новиот музички бран што ја размрдаа и освежија домашната независна сцена во изминативе неколку години, се здружија како „Гола планина колектив“. Во 2023 година може да очекуваме да прерасне во независна музичка мрежа / медиум на новиот бран во Македонија. Во „Гола планина колектив“ за почеток учествуваат Луфтанза, Cut your nipple, Corrosion, Zanadu, Xajka, Basement Cult, Zulu 3.4, AТА, Dimish, Стој, после!, Дивоградба, Vagina Corporation, KEM, со можност за проширување во наредниот период.
Младиот музички бран се здружува како „Гола планина колектив“
„Овој роман почнува со црв кој излегува од земјата, а завршува којзнае каде. Скроз откачен и динамичен, да не ти го раскажувам – прочитај го“, гласи хиперкратката рецензија за својот роман „Денот на црвот“ на авторката Симона Јованоска, која 2022 година ја доби наградата „Роман на годината“.
[Интервју] Симона Јованоска: „Стравот е природна човечка емоција којa ме инспирира“
Во филмскиот свет, прв на памет ни паѓа „Нема да си сама“. Иако се водеше како австралиски филм поради немањето поддршка од македонска страна, сепак ги собра симпатиите во земјава. И критиката, и пошироката публика го засака филмскиот јазик на Горан Столевски.
7. Локален и еко-активизам
Стотици наталожени проблеми во државава одново го разгореа активистичкиот пламен. Велосипедисти излегоа #НаТочак и ги преплавија скопските улици во склоп на јубилејната 10-та #КритичнаМаса. Ги прославија сите подобрувања во Скопје, но упатија и критики. Здрави. Ги потсетија властите дека не се ни приближно до целта – „вистински безбеден и возлив велоград“. Слично се случуваше и со #ГевгелијаНаТочак и #БитолаНаТочак.
Изникна нова иницијатива „Борба за Влае“. Се организираа маалски средби и се собираа мислења од сограѓаните од скопската населба Влае. Граѓаните неколкупати преку социјалните мрежи, но и преку настан алармираа за штетноста на предложениот ДУП и бараа негово враќање на преработка. Поднесуваа анкетни листови до самата општина, како граѓанско право, но обвинуваа дека процесот е опструиран.
Свои реакции и активности имаа и Шанса за Центар, особено со случајот кај „Треска“, каде избувна и пожар.
Иницијативата со советниците во општина Центар потсети дека веќе е спроведен Конкурс за локацијата, па стравуваа дека наместо да се спроведува, се одложува за сметка на „решението“ за продажба на државното земјиште и профит на приватници. Годинава, Шанса за Центар направи и мапа со градежни дозволи во оваа општина, реагираше против уништување на Урбан парк и бараше да продолжи отстранувањето дивоградби на Кале. Во летниот период, потенцираше и за звучно загадување од дискотеките во скопски Градски парк.
Зелен Хуман Град (ЗХГ) преку платформата МојГрад ги собираше и разработуваше предлозите на граѓаните. Едно од барањата беше за безбеден и еколошки пристап на улицата „Васко Карангелески“ во скопски Аеродром, каде се случи и протест. ЗХГ преку Советот на Град Скопје издејствува јавно да се објавуваат решенијата за интервенција на зеленило, што ја окарактеризираа како историска одлука. Иницијаивата активно лобираше против урбаната мафија, за градска мрежа на мониторинг станици за воздухот, додека до ЈСП достави иницијативата за слободен пристап на миленици во јавниот превоз.
„02 Иницијатива“ годинава се фокусираа на анализи и лобирање за закони во доменот на екологијата. „Културно ехо“ со серија мултимедијални настани и средби со граѓани се активираа за Генералниот урбанистички план на Скопје, а „Гоу Грин“ преку локалната самоуправа лобираше за т.н. „младински идеи за зелени општини“.
Четири општини испорачаа дел младински еко-барања, ама недостасува младинска инфраструктура
Центарот за современи умености се фокусираше на креативни и герила-акции. Токму една од акциите беше поврзана со Влае, кога активистите поставија кревет со натпис „Да не ја преспиеме промената на ДУП-от“. Потоа, ставија два костури пред порти на ЕУ што го симболизираа интеграцискиот однос на Унијата кон Македонија, исто така направија уметничка акција за високата цена на горивото, а со инсталација алармираа и за загрижувачката состојба со охридската пастрмка. Во 2022, уметнички и креативни акции организираа и активистите на МОФ и битолската иницијатива „Поинаку“.
Истовремено, ова беше и период за генерално преиспитување на активизмот, каде се движи и како се движи, преку потенцирање на важноста на локални активистички огнови како Охрид СОС, Движење против коцкање, Иницијативата за чист воздух во Кочани…
Во Тетово, граѓаните се потпишуваа на онлајн петицијата за предлогот за формирање градски парк. Иницијативата „Тетово сака парк“ на неколку пати годинава потоа потсети дека првиот вистински зелен појас во градот би бил долгорочен влог во хуманизацијата на јавниот простор и квалитетно место за сите генерации граѓани.
Како по обичај, годинава некои фрлаа, други чистеа. Чист Охрид беше од оние што чистеа. И #НеБидиЃубре чистеа низ Македонија, за да го одржат самоорганизираниот еколошки дух.
8. Борба за човекови и работнички права
Граѓаните оваа година неколку пати излегоа на улиците барајќи ги своите права. Секакви права! На 13 февруари, први на улица излегоа самохраните мајки кои бараа дефинирање на термините самохран родител и еднородителско семејство, допрецизирање на постојаните права и нивно реформулирање, помагање на самохраните мајки за решавање на станбеното прашање, создавање механизми за квалитетно вработување на самохраните мајки, како и анализа и преобмислување на системот на социјални и парични бенефиции.
2022 донесе и победи на фронтот на работничките права. Делчевска текстилна работничка доби судска пресуда против сопственичката, која треба да ѝ исплати на работничката парична казна од 61.530,оо денари како и да ѝ ги надомести трошоците во постапката од 105,924,оо денари. Информацијата за пресудата ја соопшти здружението „Гласен Текстилец“, кое воедно и ја поднесе тужбата против сопственичката.
Не ни треба цвеќе, сакаме права“, „Стоп за економското насилство врз жените“, како и „Социјална правда“, беа пораките кои одекнуваа на протестниот марш за женските права по повод 8 Март, Меѓународниот ден на жената. Маршот се движеше од Влада до паркот Жена борец, на кој присуствуваа бројни активистки и беше третата по ред причина да се излезе на улица.
Оваа година донесе и правна разврска за случајот „Јавна соба“. По четири години казна затвор добија обвинетите Дарко Костовски и Михаил Пановски за случајот „Јавна соба“. Судот им пресуди за кривичното дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија. Според анализата на податоците, судот утврди дека во телефонот на Костовски биле пронајдени 524 записи од чет комуникации, како и 102.539 фотографии и видеа со сексуално-порнографска содржина.
Тоа беше причина повторно протестно да се излезе на улица, како изразување на незадоволството. Откако долго време активистите реагираа и бараа, кон крајот на 2022 година, едногласно, со 85 гласа „за“, Собранието ги помина на прво читање измените на Кривичниот законик со кои се предвидуваат воведување на ново кривично дело „Демнење“.
Истовремено, оваа година Министерството за здравство скрати 40 отсто од средствата предвидени за превенција на ХИВ во Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција.
„Болни луѓе = болна држава“, „Само 200.000 евра не делат од ХИВ епидемија“, „Сакате уште една пандемија?“, „Наместо да превенираме, одлучивте да лечиме?“, беа само дел од транспарентите на протестот против одлуката на Министерството за здравство за кратење на буџетот за системот на заштита од ХИВ за дури 40 отсто, во организација на „Платформа за ХИВ“.
Кратењето на буџетот влијаеше, па на Светскиот ден на здравје, а во очи на Меѓународниот ден на Ромите, по 15 години постоење мораше да се затвори дневниот центар за намалување штети од употреба на дроги во Шуто Оризари.
Годинава се повлече и Предлогот за изменување и дополнување на Законот за матична евиденција еден ден пред да биде разгледан на собрaниска комисија за политички систем, по што реакција за одлуката стигна од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија (НМХТ). Под мотото „Тука сме и без закон“, на 31 Март – Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица, трансродови лица, активисти и нивни поддржувачи излегоа да маршираат од Влада кон Собранието, барајќи да се изгласа Законот за правно признавање на родот во Владата и во Собранието.
Пред Министерството за финансии на протестен собир излегоа активисти на регионалната Мрежа за родово-одговорно буџетирање, Платформата за родова еднаквост и „PERIOD Movement Skopje“ и побараа намалување на ДДВ-то од 18% на 5% на менструалните производи за да се намали продажната цена и поттикнување на употребата на менструалните чашки со субвенционирање на цената.
Годинава, Скопје излезе за љубов по трет пат. Река од стотици луѓе обоена во боите на виножитото, со транспаренти и знаменца, се собра во паркот „Жена Борец“, пред започнувањето на скопската Парада на гордоста во 2022 година.
По три години, во 2022, Јавното обвинителство поднесе обвинение за напаѓач на ЛГБТИ+ активист.
Толпа граѓани со протестни пароли и пораки како „Не ме допирај“, „Насилството нема оправдување“, „Не си ти крива, крив е силувачот“, „Не ми кажувај што да облечам, кажи му да не силува“, во Скопје, Приштина и Тирана јавно го изнесоа револтот против насилството врз жените и девојчињата, откако беше пријавен случајот за единаесетгодишното девојче од Приштина силувано од петмина мажи.
Под мотото „Шуто Оризари – заборавена општина“ неколку стотици граѓани од ромската заедница одржаа протест пред Град Скопје за да го изразат своето незадоволство од дискриминаторските политики кои, според нив, градската управа ги има кон оваа скопска Општина. Тие маршираа седум километри од центарот на Шуто Оризари до просториите на Град Скопје, а на собирот се пожалија од неорганизираниот и неквалитетен јавен превоз во Општината, депонијата во Визбегово која е закана за цело Скопје, како и недостатокот на инфраструктура и зеленило.
Истовремено, Валентин Ракип доби матичен, по неколкугодишна правна битка.
Во Македонија се регистрирани околу 700 лица без документи. Отсуството на документите е причина овие лица да немаат пристап до здравствена заштита, до образование, социјална помош или вработување. Дополнително, лицата без документи се соочуваат и со отежнато движење во и надвор од државава. Доколку се застанати од полиција, можат да бидат приведени бидејќи не можат да го докажат својот идентитет.
2022 ќе ја паметиме и по сообраќајниот метеж. Приватните превозници штрајкувајќи за неплатени долгови од Град Скопје, девет дена ги блокираа дел од поглавните раскрсници низ Скопје. Истовремено, еден ден штрајкуваа и возачите од ЈСП, исто поради заостанати и неисплатени плати.
Во Скопје се одржа јубилејниот петнаесетти марш на црвените чадори. По повод 17 декември – Меѓународниот ден против насилство врз сексуалните работници, црвените чадори од „Стар“ – Првиот колектив на сексуални работници на Балканот заедно со ХОПС, ТрансФормА и Коалиција МАРГИНИ мирно маршираа низ центарот на главниот град. Според податоците истакнати во јавните говори заедницата во 2021 и 2022 година документирала 34 случаи за прекршување на нивните права од кои 20 се однесуваат на родово базирано или семејно насилство и три случаи на насилство од омраза.
9. Младински успеси
Македонски основци и средношколци и оваа година освоија бројни медали на различни натпреварувања во регионот и светот. Математичарите се закитија со сребрени, златен и бронзен медал од Балканската математичка олимпијада во мај. Два месеци подоцна, македонски средношколци освоија четири медали на Јуниорската балканска математичка олимпијада. Сребрени и бронзени медали беа освоени и на Интернационалната математичка олимпијада во јули.
Македонски средношколци освоија и три медали на Интернационалната олимпијада по информатика во август. Основци пак, еден месец подоцна освоија неколку медали и на Јуниорската балканска олимпијада.
Успеси беа постигнати и од физичарите на Европската олимпијада по физика во мај, кога македонски средношколци освоија бронзен медал и пофалници. И декември беше успешен за физичарите кои освоија четири бронзени медали на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки.
Во гејминг светот, Македонија повторно се најде на европската и светска мапа. Мартин Саздов од Свети Николе, со неговиот тим во октомври станаа светски шампиони во Dota2, освојувајќи го првенството The International 11 – Dota 2.
Последен од низата успеси во гејминг светот во 2022 година е освојувањето на Светското првенство на Меѓународната еспорт федерација во декември од македонската CS:GO (Counter-Strike:Global Offensive). Со тоа, Македонија, која ја претставуваше тимот „BLUEJAYS“ стана двократен светски шампион во CS:GO. На успехот на македонските „кантераши“, во јули им претходеше и одбраната на титулата европски шампиони.
Во годината што изминува беше доделена и Наградата за младинско учество која им припадна на актерката Изабела Јакимова во индидвидуална категорија, неформалната група млади Младите на Една може во категоријата на неформални групи на младаи и здружението Гоу Грин во категоријата на младински организации, организации за млади и младински чадор организации.
Со признанието „Успешни млади“ за 2021 година, кое го доделува претседателот Стево Пендаровски се закитија Македон Димитровски, Алексиј Тасиќ, Нина Костовска, Наталија Теодосиева, Андреј Ристески, Гордана Георгиева, Виктор Стојкоски и Иван Антоновски.
Филмот „Сестри“ на режисерката Дина Дума во март ја освои наградата за најдобра режија на филмскиот фестивал „Фест“ во Белград.
Најновиот филм на Дума кој е во подготовка „Скејтањето не е за девојчиња“ го доби фокусот и на Сараевскиот филмски фестивал каде освои две награди за развој во програмата „Синелинк“. Актерите на камерната драма „Нема да биде крај на светот“, Дарја Ризова и Саша Ханџиќ пак, во октомври беа наградени на Интернационалните театарски средби во Брчко Дистрикт.
Младата музичка изведувачка Дина Јашари за својата песна „Дома“ во септември ја освои регионалната награда „Милан Младеновиќ“ кој ја доделува истоимената фондација за најдобра песна во регионот. Хорот и оркестарот на основното училиште „Кузман Јосифовски – Питу“ од Скопје во октомври го освои првото место на Интернационалниот фестивал во Ричоне во Италија. Во полето на уметноста, Ивана Мирчевска во јуни беше добитничка на наградата „Денес“ за млада визуелна уметница до 35 години за нејзиното дело „Медиум пукнатина: Алтернативен сет на подлоги за искачување“. Младиот писател Петар Андоновски во август стана првиот македонски автор кој ја освоил наградата „ПЕН преводи“ за неговата книга „Лето кое те нема“.
10. Радио МОФ рубрики :)
Вакцинација, антитела, акција, протокол, иновации беа петте македонски Зборови на годината за 2021 година, овојпат 2022 година низ зборови повторно ќе мораме да ја објасниме преку странски термини.
Тие се пермакриза, според британскиот речник „Колинс“, геслајтинг, според речникот „Миријам-Вебстер“ и гоблинжение (goblin mode), според Оксфордскиот речник. Звучи забавно, не?
Во годината чиј почеток го освои зборовната онлајн игра „Вордл“, или по нашки „Зборле“, еве дури и „етно Зборле“, ни кажаа дека во дигиталниот толковен речник не е прифатен, а не е предложен ниту еден нов збор. И покрај тоа што нашата редакција предложи еден – „подкаст“.
И додека македонската наука не оди напред, а започнуваат да мувлосуваат оние работи кои се направени, дефиницијата е дека „т’нка е работата“.
Во една ваква ситуација, решението е да се остави простор на оние кои сакаат да творат, да творат. 2022 година за Радио МОФ, а се надеваме и за вас, читателите, ги донесе старите термини во нов контекст – #РаскажиМи, #НизТвојотОбјектив и #Поларис.
Во рубриката #РаскажиМи објавивме 79 раскази на македонски јазик, додека во новата 2023 започнува и нова сезона на рубриката за поезија #ИнстаПоезија.
И додека во рубриката за илустрации #ИнстаИлустрации имаме објавено 176 илустратори, новата рубрика за фотографија ##НизТвојотОбјектив е отворена за сите фотографи кои сакаат да ја претстават својата уметност.
Во рубриката за научна фантастика, фантазија и хорор #Поларис објавивме и 29 текстови од Марјан Болтевски, кој од 2014 година ја водеше истоимената радио-емисија на Радио МОФ.
Марјан скроз ни го извозе филмот со научна фантастика, па малку експериментиравме со вештачка интелигенција и сакавме да видиме како ќе биде доколку во Скопје има метро, или пак како би изгледало македонското знаме на месечината.
И за крај, со помош на вештачка интелигенција, напишавме честитка:
Среќна нова 2023 година! Се надевамe дека ќе имате успешна и пријатна година. Ви посакувам здравје, чист воздух, љубов и огномети во наредната година. Бидејќи пишаа Радио МОФ, се надевам дека ќе ги слушате вашите омилени песни и ќе се забавувате со нивните програми во 2023 година. Се надевам дека ќе ви принесат радост и доза позитивна енергија.
Тимот на Радио МОФ