Топењето на еден планински глечер на Алпите, ја промени границата меѓу Швајцарија и Италија, правејќи ја спорна локацијата на еден италијански планински дом, пренесува „Гардијан“.
Границата се протега по одводната поделба – точката по која стопената вода тече од двете страни на планината.
Но, топењето на глечерот Теодул значи дека сливот се вовлекол кон засолниште за посетители во близина на врвот Теста Григија и постепено се провлекува под зградата.
Територијата е причина за дипломатски спор кој е започнат во 2018 година, а компромис меѓу Италија и Швајцарија беше постигнат минатата година. Сепак, решението сè уште не е јавно.
Кога планинскиот дом бил изграден во 1984 година, сите соби биле на италијанска територија. Но сега, две третини од домот, припаѓаат на Швајцарија.
Проблемот стана многу актуелен, бидејќи локалците во проблематичната територија највеќе заработуваат од туризам.
Компромис помеѓу двете земји беше договорен во Фиренца во ноември 2021 година, но решението ќе биде објавено јавно дури откако ќе биде и официјално признаено од Швајцарија, што нема да се случи пред 2023 година.
„Се договоривме да ја поделиме разликата“, истакна Ален Вихт, главен службеник за граница во швајцарската национална агенција за мапирање „Свистопо“.
Неговата работа е да се грижи за 7.000 маркери по должината на границите на Швајцарија со Австрија, Франција, Германија, Италија и Лихтенштајн.
Онаму каде што италијанско-швајцарската граница ги минува алпските глечери, границата ја следи линијата на сливот.
Но, глечерот Теодул изгубил скоро една четвртина од својата маса помеѓу 1973 и 2010 година. Тоа ја изложило карпата под мразот, менувајќи ја одводната поделба и принудувајќи ги државите повторно да нацртаат околу 100 метри долг дел од нивната граница.
Вихт вели дека ваквите прилагодувања се чести, а генерално се решаат со споредување на читањата на геодетите од пограничните земји, без да се вклучат политичарите.
Италијанските колеги на Вихт одбиле да дадат изјава поради „сложената меѓународна ситуација“.
Жан-Филип Амштајн, поранешен шеф на „Свистопо“, изјавил дека ваквите спорови обично се решаваат со размена на парцели земјиште со еднаква површина и вредност.
„Но, во овој случај, Швајцарија не е заинтересирана да добие парче глечер, па Италијанците не можат да ја компензираат загубата на швајцарската површина“, додал Амштајн.
Додека исходот останува таен, на чуварот на засолништето, Лусио Труко, му било кажано дека ќе остане на италијанска почва.
„Засолништето останува италијанско бидејќи ние отсекогаш сме биле Италијанци. Менито е италијанско, виното е италијанско и даноците се италијански“, заклучил тој.