Студентите сместени во студентскиот дом „Гоце Делчев“ повторно се жалат на проблеми со топлата вода. Во блокот Б, велат дека топла вода немале неколку дена. Во А блокот пак, објаснуваат дека топлата вода е луксуз, а проблемите со недостигот почнале уште во октомври, со спуштањето на температурите.
Како што објаснува за Радио МОФ студентка сместена во блокот А во „Гоце“, топлата вода главно ја има во утринските часови и стигнува само до ниските катови.
„Од октомври, веќе 2 месеци имаме проблеми“, вели студентката. Истото го тврдат неколкумина нејзини колеги. Велат, се научивме да се тушираме со ладна вода.
Директорот на Државен студентски центар-Скопје, Дарио Никовски пак, тврди дека нема проблем со топлата вода.
„Ја има постојано“, уверува директорот. Во блокот Б појаснува, деновиве имало дефект кој траел помалку од 24 часа и веќе е отстранет. Во блокот А, пак, додава, студентите имаат топла вода.
„Може да се случи да снема топла вода само во попладневните часови, на час, час и половина, кога студентите се враќаат попладне од факултет“, додава Николовски.
Утрово во „Гоце“ речиси и да немаше студенти, но затоа имаше топла вода. И на првиот, и на тринаесетиот кат. Студентите со кои разговаравме се надеваат дека ова ќе потрае. Барем до вечерва.
Ј.Ј.