Франција евакуираше повеќе од 16.000 луѓе на кои им се закануваат шумски пожари во југозападниот дел на земјата, а пожарите се проширија низ Медитеранот, од Мароко на запад до Крит на исток, со илјадници пожарникари на терен и бројни противпожарни авиони, пренесува Ал Џазира Балканс.
Властите во популарниот туристички регион Жиронда ги евакуираа и чуварите на камповите. Туристите веќе заминаа порано. Пожарите се проширија на подрачјата на Тест-де-Буш и Ландирас.
На југот на Шпанија повеќе од 3.200 луѓе избегаа од пожарите на ридовите на Михас, но некои подоцна успеаја да се вратат.
Пожарите во Португалија засега се под контрола. Повеќе од 1.000 смртни случаи се припишуваат на топлотните бранови во Португалија и Шпанија во последните денови.
Пожарите на ридовите на Михас во Шпанија се недалеку од популарната туристичка дестинација Малага.
Шумски пожари избувнаа и во други делови на Шпанија како Кастиља и Леон, Галиција и Екстремадура.
Во неделата, пожарникар бил пронајден мртов во пожар во Лосасио, на северозападот на земјата, објавија во понеделникот властите на провинцијата Кастиља и Леон.
Ширум Медитеранот на терен има илјадници пожарникари и бројни авиони кои фрлаат водени бомби врз пожарите.
Пожари има во области на Грција, југозападна Турција и на хрватскиот брег. Во Португалија оваа година пожарите уништиле 30.000 хектари земјиште, воглавно на северот од земјата.
Топлотните бранови станаа почести, поинтензивни и траат подолго поради климатските промени предизвикани од човекот.
Земјата веќе се загреа за речиси 1.1 степен Целзиусов од почетокот на индустриската ера, а температурите ќе продолжат да растат доколку владите ширум светот не се заложат за поамбициозно намалување на емисиите на јаглерод, предупредуваат експертите.