Интензивните горештини низ поголемиот дел од Европа предизвикаа рекордни јунски температури од Арктичкиот круг па се до Северна Африка. Силниот топлотен бран предизвика температурите да се искачат значително над просекот за јуни во бројни земји, во некои случаи и до 20 степени, јавува Би-Би-Си.
На полуостровот Банак, во средата е забележана температура од 32.5 Целзиусови степени, наводно највисоката температура досега забележана во внатрешноста на Арктичкиот круг
Во Полска во понеделникот температурата достигна околу 35 степени, а во делови од источна Германија измерени се 37 степени на повеќе локации.
Јунските температурни рекорди беа срушени во Словенија и Хрватска, додека во Босна и Херцеговина температурата беше за 0.2 степени пониска од јунскиот рекорд од 41 степен.
Екстремните горештини се проширија на Северна Африка. Температурата во Тунис во понеделникот се изедначи со месечниот рекорд од 48.7 Целзиусови степени.
Од друга страна, Европа ја зафатија и грмотевици кои предизвикаа разорен одрон во јужна Австрија, при што едно лице загина.