Екстремните горештини убиваат најмалку 175.000 луѓе годишно во Европа, каде температурите и понатаму рапидно растат, предупреди Светската здравствена организација (СЗО), јавува Политико.
Европа е меѓу регионите со најбрзо затоплување во светот, а температурите се зголемуваат двојно побрзо од глобалниот просек. Луѓето во европскиот регион на СЗО „плаќаат највисока цена“ за екстремната горештина, предупреди директорот на СЗО за Европа.
„Топлинскиот стрес е водека причина за смртта поврзана со климата во регионот. Екстремните температури ги влошуваат хроничните состојби, вклучувајќи кардиоваскуларни, респираторни и цереброваскуларни болести, ментално здравје и состојби поврзани со дијабетес“, рече Ханс-Хенри П. Клуге.
Европскиот регион на СЗО вклучува 53 земји во Европа и Кавказ, заедно со централноазиските земји како Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан.
СЗО проценува дека во светот имало околу 489.000 смртни случаи поврзани со горештините секоја година во периодот од 2000 до 2019 година. Во европскиот регион се 36 отсто од смртните случаи, или во просек 176.040 секоја година. Севкупно, смртните случаи поврзани со топлина се зголемиле за околу 30 проценти во текот на изминатите две децении.