„Што се однесува за изминатава вечер, на територија на целата држава новогодишната ноќ помина главно мирно. Безбедносната состојба на територија на целата држава за време на новогодишната ноќ беше стабилна. Уште еднаш сакам да изразам благодарност до полициските службеници кои беа на должност изминатава ноќ“, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој денеска присуствуваше на отворање на новиот ски центар „Михајлово“ близу Кавадарци
Според министерот, присуството на терен било засилено, а притоа биле преземени координирани и насочени мерки за одржување на поволна безбедносна состојба.
„Имено, во периодот од 14,00 часот вчера до 05.00 часот денеска изутрина регистрирани се 29 кривични дела, како и 28 сообраќајни незгоди од кои 3 со тешки телесни повреди. Приведени се вкупно 33 лица по разни основи, а најмногу во врска со нелегална трговија со дрога – 14 лица“, истакна министерот Тошковски.
Тој им се заблагодари на сите граѓани кои празнувале и прославувале одговорно онака како што апелирале од МВР, дополнувајќи дека сите заедно придонеле новогодишната ноќ да помине мирно.