Еден од најпознатите светски музеи, Галеријата Уфици во Фиренца, веќе подолг период се справува со голем наплив на туристи. Решението за овој проблем – претворање на целиот регион во музеј.
Во следните години преку проектот „Раштркана Уфици“ сликите и скулптурите од музејот ќе бидат распоредени на повеќе од 100 различни локации низ Тоскана, позната по убавата природа и славните вина, пренесува Дојче Веле.
Уфици е градба која во Фиренца ја подигнало семејството Медичи, во овој објект се сместени различни министерства и административни служби, а во него од 16-тиот век се наоѓа и уметничката колекција Галерија Уфици која денеска е еден од најпосетуваните музеи на светот. Во неа се наоѓаат некои од најпознатите уметнички дела на Да Винчи, Микеланџело, Рафаело, Џото, Ботичели или пак Тицијан.
Една од локациите на кои се планира да се изложат слики од овој музеј е островот Елба, во Тиренското Море помеѓу Италија и Корзика, местото каде Наполеон Бонапарта беше затворен во егзил по поразите во битките во Москва и Лајпциг. Во градот Портофераjo до октомври ќе бидат изложени избор слики за Наполеон заедно со дела од локалната колекција.
„Се надеваме дека со изложбата на Елба ќе го вратиме наполеоновиот дух на островот на кој живеел. Сакаме сите големи уметнички дела да ги прикжеме во прав контекст, таму каде што ќе имаат многу поголемо значење отколку во Фиренца, каде се изолирани“, објаснува Ајке Шмит, директор на Галеријата Уфици.
Покрај Елба, меѓу историски важните места во Тоскана спаѓа и селото Попи, во ридовите на кои бегал големиот поет Данте Алигиери откако бил осуден на смрт во Фиренца. Селската тврдина во која тој живеел и напишал делови од својата славна „Божествена комедија“, сега ќе биде претворена во постојан изложбен простор со дела од Уфици.
Италија спаѓа во една од најомилените дестинации за туристите од целиот свет, меѓу другото и поради големиот број локации кои се дел од Сетското наследство на УНЕСКО. Тие локалитети се постојано преоптоварени, но за време на пандемијата Италијанците добија малку мир а тоа многумина поттикна да размислуваат за поинакви концепти.
Па, така, неодамна на венецијанската лагуна беше забранет пристап на крузери, а во Фиренца се роди концептот за „Раштркана Уфици“, кои требаат да бидат пат кон одржлив масовен туризам.
Ова е поради тоа што Галеријата Уфици почна да губи смисла бидејќи дел од ренесансните уметници, од Ботичели до Дирер, после долгото чекање во редови за билет можеа да се гледаат само во големи гужви. Сега делата ќе бидат распоредени низ Тоскана и очекувањата се дека масовниот „удар“ од туристите ќе биде амортизиран и распрскан на целиот регион.