Од 16 до 19 февруари ќе се одржи меѓународниот фестивал на британски филм – PlayUK во организација на Британскиот совет и Младинскиот културен центар.
Фестивалот, на кој ќе бидат прикажани 10 премиери на филмови на британски автори, ќе се одржува истовремено во шест градови во регионот, а ќе биде отворен со филмот „Trainspotting 2“. Десет филмски премиери точно во исто време ќе бидат прикажани во Скопје, Белград, Подгорица, Призрен, Сараево и Тирана – ширејќи го британскиот филмски жагор низ целиот регион.
„Тематски, PlayUK има повеќе нивоа. Бидејќи светот се соочува со брзи промени, а политиката воспоставува нови односи на целата планета, нашата цел е да вклучиме филмови што ја слават човечката издржливост и способност да најде одговори и решенија во тешките ситуации“, велат организаторите.
Друго ниво на фестивалот е силното влијание на британската музика во овој дел од светот, затоа ќе бидат прикажани филмови што се фокусираат на музика.