Судијата Хуан Мерчан нареди Доналд Трамп да биде осуден на 10 јануари во неговиот случај за премолчување пари во Њујорк – помалку од две недели пред да положи заклетва како претседател, пренесува Би-Би-Си.
Мерчан сигнализираше дека нема да го осуди Трамп на затворска, условна или парична казна, туку наместо тоа ќе му даде „неусловно ослободување“ (н.з. кога осудено лице е ослободено од казна без услови) и напиша во својата наредба дека новоизбраниот претседател може да се појави лично или виртуелно на сослушувањето.
Трамп се обиде да ја искористи победата на претседателските избори за да го отфрли случајот против него. Тој во објавата на социјалните мрежи ја отфрли наредбата на судијата како „нелегитимен политички напад“ и случајот го нарече „ништо освен наместена шарада“.
Инаку, новоизбраниот претседател беше осуден во мај за 34 кривични дела за фалсификување деловни записи поврзани со исплата на 130.000 долари на актерката во филмови за возрасни Сторми Даниелс. Обвиненијата се однесуваат на обидите да се прикријат надоместоците на неговиот поранешен адвокат Мајкл Коен, кој во последните денови од изборната кампања во 2016 година и’ исплати на Даниелс да молчи за наводната сексуална средба со Трамп.
Тој ги негираше сите неправилности и се изјасни за невин, тврдејќи дека случајот е обид да му наштети на неговата претседателска кампања во 2024 година.
Исто така, обвинет е и во три други државни и федерални кривични случаи: еден со доверливи документи и два во врска со неговите наводни напори да ја поништи неговата загуба на изборите во 2020 година.
Трамп во моментов ќе биде првиот осуден криминалец кој ќе служи во Белата куќа.