Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, потпиша извршна наредба со која се воведуваат санкции за претставници на Меѓународниот кривичен суд поради отворање истраги насочени кон САД и Израел, јавува Радио Слободна Европа.
Во наредбата на Трамп се наведува дека судот во Хаг „се вклучил во нелегитимни и неосновани акции насочени против Америка и нашиот близок сојузник Израел“.
Во извршната наредба, која Трамп ја потпиша на 6 февруари, се наведува дека овие акции „поставуваат опасен преседан, директно загрозувајќи го сегашниот и поранешниот американски персонал“, вклучително и членовите на американската војска.
Наредбата се однесува на налогот за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за неговите постапки против Палестинците во Газа и неодамнешните судски дејствија кои ги загрозуваат припадниците на американската војска.
Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Нетанјаху, Галант и лидерот на Хамас
Указот беше потпишан откако Нетанјаху го посети Трамп во Белата куќа на 4 февруари. Во него се наведува дека ниту САД ниту Израел не се членки на Меѓународниот кривичен суд.
Уредбата на Трамп наметнува санкции, вклучително и забрана на функционери, вработени и членови на семејствата на Меѓународниот кривичен суд да влезат во САД и замрзнување на сите средства што ги поседуваат во јурисдикција на САД. Санкциите се применуваат и за сите за кои се смета дека помагале во истрагите на судот.
Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на 21 ноември за Нетанјаху, поранешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант и воениот лидер на Хамас Мохамед Деиф – за кој Израел тврди дека е мртов.
Налозите беа издадени за „злосторства против човештвото и воени злосторства извршени најмалку од 8 октомври 2023 година до најмалку 20 мај 2024 година“.