„Трансфигурации“ – Изложба на младата графичарка Ана Трајковска

Во вторник (22 декември) во Галеријата на МКЦ Скопје ќе биде отворена изложбата „Трансфигурации“ на младата графичарка Ана Трајковска.

„Монументалниот експериментален графички проект изграден е само врз основа на едно клише, на една мала матрица, од која ни се рефлектираат различни полизначни и полидимензионални референци. Овој луциден, рационално обмислен истражувачки проект, во извесна смисла претендира да го „наруши“, односно да го прошири полето на конвенционалните граници на класичното поимање на матрицата на високиот графички печат. Истражувањата и експериментирањата на Трајковска ѝ овозможија да го „отвори“ клишето, да го лиши од границите/маргините, и практично да ги презентира неговите други, поинакви перформанси. Освен што целиот проект е фундиран на една матрица, она што е исто така невообичаено за актуелното дигитално време, тоа е враќањето на авторката кон праизворот, кон архаичната, одамна заборавена методологија на градбената операција, којашто е целосно мануелно изведена (проектот e целосно изведен без никаква употреба на печатарска машина).

Наспроти статичните отпечатоци на клишето во скулпторскиот медиум, низ репетитивното активирање на матрицата, Трајковска со конвенционалното, но мануелно третирање на печатењето, ќе ја создаде монументалната инсталација испечатена на транспарентна желатинска фолија“, стои во најавата за настанот.

Изложбата ќе биде отворена до 3 јануари.