Транспаренси: Да се повлечат предлог-измените на Кривичниот законик, тоа е обид за „тивка амнестија“

Транспаренси Интернешнл – Македонија изрази загриженост во врска со Предлогот на Владата за изменување и дополнување во скратена постапка на Кривичниот законик, со која се предвидуваат поблаги казни за злоупотреба на службената должност и злосторничко здружување.

Од организацијата велат дека предложените измени се спротивни на заложбата за безусловна борба против корупцијата и за засилени санкции против лицата кои се обвинети или осудени за коруптивни кривични дела.

„Во овие моменти на силни внатрешни и надворешни укажувања се дека корупцијата, а посебно високата корупција е на високо ниво, а довербата во правосудниот систем од 0,4 % од граѓаните, е на најниско ниво во историјата на оваа држава, кога владее состојба на неказнивост и недостасува секаков вид на одговорност, во Собранието е доставен  предлог на законско решение, кој треба да овозможи поблаг третман, поблаги санкции, ослободување од вина, оневозможена конфискација, за сторителите кои за сопствени цели ја злоупотребиле својата службена положба“, велат од Транспаренси интернешнл – Македонија.

Со новиот предлог закон за измени на Кривичниот законик се предлага намалување на казните за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување; се брише ставот 5 од членот 353 кој ја санкционира злоупотребата на службената положба и овластувања при вршење јавни набавки или на штета на Буџетот и на јавните фондови за кој беше запретена казна од најмалку 5 години затвор, а максималната казна затвор за Злосторничко здружение се намалува од 10 на 3 години, а се укинува и проширената конфискација за нелегално стекнат имот.

„Со намалување на висината на казната на конкретните дела се намалува и должината на нивното застарување и сето наведено е предложено преку скратена постапка – употребувајќи го европското знаменце. Следствено на ваквите измени, треба да се погледне членот 3 од Кривичниот законик – Задолжително применување на поблаг кривичен закон став 2 – Ако по извршувањето на кривичното дело е изменет законот, еднаш или повеќе пати, ќе се примени законот што е поблаг за сторителот одредени постапки подлежат на застареност. Со ваквото законско решение многу обвиненија и истраги за висок коруптивен – финансиски криминал сторен на штета на државата ќе се соочат со застареност“, предупредуваат од организацијата.

Од Транпаренси интернешнл – Македонија велат дека практиката за посебно приспособување на законите кон приватните интереси е длабоко вкоренета во Северна Македонија. Со измените на Кривичниот законик од 2018 година, се намалија казните за злоупотреба на постапката за јавни набавки и доделувањето договори за јавни набавки или јавно-приватно партнерство. Тоа резултираше со неказнивост на кривично осудено лице.

„Оваа практика на носење на закони по мерка веќе ја имаме препознаено и нотирано во времето кога требаше да се обезбедат гласови за Преспанскиот договор. Законите што се скроени по мерка претставуваат релативно нов облик на корупција на високо ниво, каде што законите и прописите тивко се донесуваат или се изменуваат во полза на приватните интереси на некое лице или претпријатие. Во овој случај веќе постои практика определени политички цели да се постигнуваат со „тивка амнестија„ за што уште еднаш сите заложби за правна држава се уриваат пред заложбата за политички компромис“, додаваат од организацијата.

Оттаму укажуваат дека штетата која може да настане како последица на ваквите законски решенија, каде практично доаѓа до неказнивост, би била огромна.

„Секоја измена на Кривичниот законик привлекува огромно внимание како од стручната фела така и од сите чинители во општеството, така и оваа и не смее да се дозволи „тивка амнестија“ на сторителите на коруптивни кривични дела на штета на граѓаните и затоа предлагаме овој предлог да биде повлечен“, потенцираат во нивното соопштение.

Оттаму додаваат дека нивната реакција ќе биде доставена до GRECO, UNODC и до Transparency Internatonal.

Владата по скратена постапка бара поблаги казни за злоупотреба на службената должност и злосторничко здружување