Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарекоа „Бистро-Матно“.
Во овој барометар, во делот на „матни“ настани за декември 2024 е тоа што Артан Груби и Енвер Беџети со корупција го спасувале Сашо Мијалков од затвор.
„Американскиот Стејт Департмент ги стави на ‘црната листа’ поранешниот вицепремиер и висок функционер на ДУИ, Артан Груби и судијата во Апелацискиот суд Енвер Беџети. Според соопштението на американското министерство за надворешни работи, двајцата биле вмешани во ‘значителна корупција’ со прифаќање мито за уривање на судските процеси против поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Мијалков, меѓу првите, уште во 2022 година се најде на црната листа на САД, исто така поради корупција. На најновата листа се најдоа и членовите на најтесното семејство на Артан Груби. Согласно одлуката, Груби и Беџети нема да смеат да влегуваат во САД, а визите, доколку ги имаат, ќе им бидат поништени“, велат од Транспаренси Интернешнл-Македонија.
Во „матни“ настани е ставен и случајот со приватниот универзитет „Скопје“, поранешен Универзитет за туризам и менаџмент, кој ја отстрани сликата на Цвета Ристовска, членка на Државната комисија за спречување на корупција од списокот на наставен кадар, откако ТВ „Телма“ постави прашања дали е конфликт на интерес тоа што баш Ристовска го водеше предметот за директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.
„Неколку часа подоцна, Универзитетот ја врати сликата на Ристовска на страната каде што е објавен наставниот кадар. Дел од предметот за Бојан Христовски беше и претставка за неговата факултетска диплома, добиена на факултет и универзитет каде во тоа време дел од наставен кадар била токму Цвета Ристовска. Токму нејзе ѝ бил доделен предметот за директорот на АНБ, во кој по анонимна претставка беше оспорена и факултетската диплома на Универзитетот ‘Скопје’. Таа на седницата на Антикорупциска рече дека случајот е чист според известувањето на Просветниот инспекторат“, велат од Транспаренси.
Понатаму, во „матни“ е ставен и случајот со осум лица осомничени за злоупотреби при јавна набавка во Дирекцијата за ТИРЗ. Односно, за Јован Деспотовски и за уште седум лица.
„Oсновното јавно обвинителство Скопје, постапувајќи по пријава од Управата за финансиска полиција, оформи предмет и поведе постапка против 8 лица поради основано сомневање дека како соизвршители сториле кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување. Во текот на предистражната постапка која Управата за финансиска полиција ја водеше во координација и под раководство надлежниот јавен обвинител, се обезбедија докази дека во временскиот период 26.01-12.07.2022 година, првиот осомничен како службено лице – директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони во Скопје, заедно со три службени лица задолжени за спроведување на управната контрола при Бирото за јавни набавки и уште четири лица од Државната комисија за жалби по јавни набавки, со неизвршување на нивната службена положба, му овозможиле на едно правно лице да прибави противправна имотна корист која надминува значителна вредност од 622.981.190 денари“, соопштува Транспаренси.
Исто така, во „матни“ се сместени и системските слабости во Кривичен суд, утврдени од Државниот завод за ревизија. Ревизорот објави дека има отсуство на веродостојни, вистинити и уредени сметководствени документи за потврда на правото на користење на старата зграда на судот, како и недвижни ствари кои не се евидентирани во сметководствената евиденција поради неизвршено примопредавање на истите.
„(Понатаму) невоспоставена евиденција за одземените парични средства и скапоцености и други одземени предмети и неизвршен попис на истите; Комисијата за преглед на севкупното работење не извршила целосен преглед на средствата за депозитите за 2023 година, и не е спроведен надзор на севкупното финансиско и материјално работење и Евиденција на судски депозити кои не се гаранции туку уплати по друг основ за кои судот нема податоци за основ на истите, како и отсуство на податоци за статусот на предметите на судските депозити, завршени /незавршени“, велат од Транспаренси.
Воедно, „матно“ е и тоа што податоците од регистарот на вистински сопственици во земјава не се користат за борба против корупцијата.
„Анализата (на Центарот за граѓански комуникации) покажа дека: Надлежните институции во земјава малку ги користат податоците за вистинските сопственици во насока на спречување, откривање и санкционирање на перењето пари и во борбата против тероризмот, а се чини, воопшто не ги користат за други цели и за спречување корупција, криминал и злоупотреби во другите области. Институциите и надлежната Управа за финансиско разузнавање имаат различни податоци за бројот на случаи против перењето пари и финансирањето тероризам“, велат од Транспаренси.
На крајот од „матните“ случаи, е измената на Законот за јавните набавки по скратена постапка. Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бараше веднаш да се стопира иницијативата за законските измени, кои беа поднесени во Собранието по скратена постапка на 5 декември 2024 година, од група пратеници.
„Предложените законски измени со кои се укинува управната контрола на јавните набавки што ја спроведува Бирото за јавни набавки претставуваат сериозно уназадување на заштитата од корупција во услови кога според оценките на сите релевантни меѓународни и домашни чинители корупцијата во јавните набавки е широко распространета. Наместо, според препораките, да се зајакнува управната контрола и да се проширува опфатот на тендери кои ќе бидат контролирани врз основа на постојните „црвени знаменца“ за ризици од корупција, оваа контрола се укинува без каков и да е аргумент. Воведувањето на т.н. административна проверка наликува на стариот механизам кој веќе се применуваше и беше предмет на многу контроверзи и критики од сите релевантни институции“, посочува Транспаренси.
Во делот на „бистри“ настани, случаи и дејствија за декември 2024, е тоа што имаше кривична пријава за 24 лица дека го оштетиле Буџетот за над милион и 500 илјади денари.
„Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против С.Н.(40) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ‘злоупотреба на службената положба и овластување’ и против 23 други лица од повеќе градови од државата поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ‘прикривање’ од Кривичниот законик. Пријавениот С.Н. – соработник за финансиски прашања во Службата за општи и заеднички работи во Владата, во периодот од ноември 2021 година до април 2022 година, кој бил ангажиран за изработка на пресметките на плата на вработените во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја злоупотребил својата службена положба на начин што при изработка на пресметките за плата на 23 –те лица, сите вработени како Шумски полициски службеници, во сите обрасци за плата, во графата ‘празнични часови’ внесувал поголем број на празнични работни часови, иако знаел и имал увид дека лицата немале воопшто или имале значително помал број празнични работни часови“, пренесува Транспаренси.
Во „бистри“ е ставено и обвинението за пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Пеце Милевски од Битола, кој како директор исплаќал дополнително пари за успешност на врабoтени, а „водовод“ работело со загуби.
„Основното јавно обвинителство (ОЈО) од Битола поднесе обвинение против Пеце Милевски, поранешниот директор на битолското Јавно претпријатие ‘Водовод’, а сегашен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, за злоупотреба на службената положба. Обвиненитето е поднесено до надлежниот суд за периодот кога тој бил в. д. директор на претпријатието, за продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување. Обвинетиот, во 2022 и 2023 година како в. д. директор на јавно претпријатие, ги пречекорил границите на своите службени овластувања и во повеќе наврати на шест различни лица вработени во претпријатието без правен основ им исплаќал дополнителни средства за работна успешност и покрај тоа што претпријатието во континуитет работело со загуби“, велат од Транспаренси.
Понатаму, „бистри“ се и кривичните пријави против двајца поранешни директори на Фондот за иновации, Фестим Халили и Коста Петров
„Во првиот случај, се работи за проект наречен ‘Грин Хојо’, кофинансиран од Фондот, кој бил за собирање податоци преку IoT-уреди за да се искористи решението за паметен дом за да се направи енергетски поефикасна канцеларија/куќа/стан. Постои основано сомневање дека Фондот е оштетен за 4.000.000 денари, затоа што е сторена ‘злоупотреба на службена положба’ од поранешниот директор Халили. Од ревизијата на работата на ФИТР произлегла уште една кривична пријава, исто така против поранешен директор на Фондот – Коста Петров. Во овој случај се работи за проект на ‘Фротирка’ од Делчево финансиран од ФИТР, кој не бил завршен, а бил исплатен, при што Петров наводно не реагирал соодветно“, велат од Транспаренси.
Исто така, „бистри“ се кривичните за 12 македонски државјани и 1 странец за криумчарење луксузни возила, фалсификување исправи и злоупотреба на службена положба.
„МВР информираa дека по издадени наредби од страна на судија за претходна постапка и јавен обвинител заради докажување на кривични дела поврзани со криминал со луксузни моторни возила, извршени се 10 претреси кај 10 лица, од кои седум се во Скопје, еден во Дојран, еден во Неготино и еден во Битола, при што се лишени од слобода шест лица: К.С., Н.П., М.С. и Д.И. од Скопје, В.Ц. од Стар Дојран и Н.Г. од Битола. МВР според претходно одземени 5 ПМВ и собрани материјални докази ќе поднесе пријава до ОЈО против 13 лица, од кои двајца се поранешни вработени во МВР, а еден е се уште вработен во МВР, каде во текот на ноќта и утрото лицата се изведени пред судија на претходна постапка“, соопштува Транспаренси.
На крајот од листата на „бистри“ е и кривичната пријава за полициски службеник поради злоупотреба на службена положба, поднесена од МВР до Обвинителството.
„(МВР) поднесе кривична пријава против Д.М. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ‘злоупотреба на службената положба и овластување’, казниво по Кривичниот законик. Пријавениот, полициски службеник, извршувајќи работни задачи како документарист, со пречекорување на службеното овластување, во септември 2023 година изготвил службен акт со невистинита содржина, злоупотребувајќи го потписот на раководителот на Полициската станица Тетово“, соопштува Транспаренси Интернешнл-Македонија.