Зголемување на транспарентноста за сопственоста, финансирањето и уредувањето на медиумите е најважно за подобрување на ситуацијата во онлајн медиумската сфера, сметаат познавачите кои говореа на денешната дебата „Информативните медиуми на интернет и медиумското законодавство во РМ“.
Од Центарот за развој на медиуми велат дека тие, но и поголемиот дел од медиумската заедница, се против Законот за медиуми, кој во неговата сегашна форма е непотребен.
„Од самиот почеток кога се предложи Законот за медиуми ние мислевме дека тој закон е непотребен, затоа што сите работи се доволно регулирани во постоечкото законодавство. Неправилното спроведување на она што е регулирано е многу поголем проблем од нерегулираноста“, смета Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми.
Според ЦРМ, постојат две решенија за регулирањето на онлајн медиумите – или да се укине целосно Законот за медиуми или пак да доживее детална ревизија во која ќе ги вклучи и новите/онлајн медиуми. Сепак, тоа не значи дека треба да се регулираат содржинските аспекти од она што се објавува на интернет.
„Потребно е да постигнеме поголема транспарентност за тоа кој ги носи одлуките што ќе се објави и како ќе се објави во онлајн медиумите, одлуките за уредувачката политика и кој ја има сопственоста, за да можеме ние од тоа да извлечеме што можеме да очекуваме од онаа страна која објавува информации“, додава Георгиевски.
Според аналитичарите во медиумите, законската регулација не е клучна за функционирањето на интернет медиумите, туку создавањето на медиумска култура каде ќе се знае кои работи се, а кои не се дозволени во јавниот дискурс.
„Во Македонија треба да пристапиме кон воведување на некои правила, но сум против тоа за регулирање на медиумските содржини, да се стави во закон. Значи да има транспарентност на сопственоста, да знае граѓанинот кој стои позади тој медиум, транспарентност на финансиите, колку добива тој медиум и кој го плаќа тој медиум, кои се уредниците и новинарите. За ако некој клевети и лаже може да се тужи преку клевета и навреда, ако некој краде содржини може да се тужи преку законот за авторски права, ако интернет медиум говори со јазикот на омразата, може да се тужи врз основа на кривичниот законик, значи постои законска рамка. Се што ни треба моментално во оваа сфера е поголема транспарентност на финансирањето и бизнисот и да знаеме кои се тие луѓе што не информираат“, вели Петрит Сарачини.
На дебатата беше претставен документот за јавна политика „Информативните медиуми на интернет и медиумското законодавство“, подготвен од Центарот за развој на медиуми со цел да се придонесе за подобрување на правниот статус на оние медиуми и новинари што објавуваат исклучиво на интернет и другите нови дигитални платформи.