Еден од најуспешните британски гитарски бендови, Travis, како и американската пејачка Kelis и блуз гитаристот Seasick Steve се најновите имиња кои се приклучуваат на веќе богатата програма на овогодинешното издание на Бажант Похода фестивалот.
Осумнаесетото издание на фестивалот кој се одржува во Тренчин, Словачка ќе биде отворен со гала концерт од Симфонискиот оркестар на Националната филхармонија на Украина. Под диригентската палка на Роман Кофман, Украинците ќе настапат со изведба на Pictures at an Exhibition на рускиот композитор, како и изведба на Carpathian Concerto for Large Orchestra на украинскиот композитор Мирослав Скорик.
„Навистина се грижиме за случувањата во Украина и сме горди што Украинската филхармонија ќе го отвори нашиот фестивал,“ изјави директорот на фестивалот Микал Кашчак.
После пет години, Travis се враќаат во Тренчин.
„Travis требаше да настапат на фестивалот во 2009-та година. За жал нивното шоу беше откажано поради трагедијата што се случи на фестивалот во саботата на 18-ти јули. Тие сакаа да се вратат и да одбележат 5 години од трагедијата“ објаснува Кашчак.
На оваа дата, поради големото невреме се руши главниот шатор на фестивалот при што едно лице почина на лице место. Три месеци подоцна уште еден посетител им подлегнува на повредите. Во несреќата имало вкупно 96 повредени од кои 39 лица завршиле во болница.
На аеродромот во Тренчин, исто така свој настап ќе има и американската пејачка Kelis Rogers, попозната под сценското име Kelis.
Своевремено ја сметаа за една од најдобрите ритам и блуз пејачки, подоцна издаде одличен денс-поп албум, а минатата недела го издаде својот најнов фанк и соул албум наречен Food. Со такво име на албум, не претставува изненадување што покрај нејзината музичка кариера, таа е посветена на готвењето, а поседува и своја линија на сосови. Нејзината приказна, нејзините песни, како и екстравагантните фустани и фризури се само дел од музичкиот перформанс на Американката.
Приказната за Seasick Steve пак е како филм. Добитник е на наградата Моџо за Најдобар нов изведувач на 66 години…
Роден во 1941 година во Калифорнија, го напушта својот дом на 13 години и почнува да шета и работи како каубој на фарма. Во пабови и барови, настапува со гитари направени од најразлични материјали, како што се кутии, конзерви и копачи. Првиот албум го вади во 2006-та, а една година подоцна го издава албумот Dog House Music кој му ја лансира кариера и почнува да настапува на големи фестивали, дури и на реномираниот Гластонбери. Неговата музика може да се нарече сторија за „битник“, малку самотничка, малку дива, но секогаш генијална.
Похода фестивалот се одржува од 10-ти до 12-ти јули, по осумнаесетти пат на аеродромот во Тренчин. На фестивалот може да се сретнат најразлични музички стилови, од алтернативна музика до електронска, но исто така има и театар, хорска музика, танцови како и литературни работилници. Цената на билетот е 89 евра и бројот на посетители е ограничен на 30.000.
До сега потврдени изведувачи се: Kraftwerk 3D, Tricky, Suede, Goldfrapp, Disclosure Live, Tame Impala, Moderat, Mogwai, Azealia Banks, Gilles Peterson’s Sonzeira DJ Set и многу други.
На конференцијата Млади и Медиуми, која се одржа во Скопје на 7ми и 8ми фебруари во Младинскиот Културен Центар, презентација за фестивалот имаше Моника Саткова, букинг асистент на фестивалот, која можете да погледате.
Повеќе информации може да најдете на нивната официјална страна или на нивиот фејсбук фан пејџ.
Николај Митрески