Хуманитарна трка за собирање донации за Онколошкото одделение на Клиниката за детски болести ќе се одржи оваа сабота (28-ми Мај) на кејот на Вардар во Скопје. Трката ќе биде долга 1,5 километар и 3 километри, а стартот ќе биде пред хотелот „Парк” во 9 часот.
На трката може да се пријават сите заинтересирани лица постари од 13 години, како и помлади лица во придружба на возрасен придружник. Котизацијата за трката е 300 денари и се плаќа на самото место, пред почетокот на трката.
Како што соопштија организаторите, за првите тројца што ќе ја завршат трката предвидени се подароци, а сите учесници по завршувањето на трката ќе добијат освежување, свежо овошје и здрава енергетска храна. Сите средства собрани од котизацијата за трката ќе се донираат на Детската клиника.
Трката наречена „Трчај за надеж” ја организира ученичката од Меѓународното училиште НОВА, Јована Крстевска преку училишниот клуб „Искра надеж” што го основала и чија цел е собирање на донации за маргинализирани групи преку различни видови на интерактивни настани.
„Секој човек заслужува да има еднакви можности, да живее убав и нормален живот. Затоа се трудиме да направиме сѐ што можеме за да им помогнеме на оние на кои им е најпотребно и да им пружиме надеж”, вели организаторката на трката.
Заинтересираните за трката можат да се пријават на следниот формулар, или по мејл на j.krstevska1322@gmail.com или преку инстаграм профилот @sparkofhope_club.