Треба ли да им се дозволи на велосипедистите да минуваат на црвено светло?

На велосипедистите во Париз сега им е дозволено да поминуваат на црвено светло на семафор, а Сан Франциско размислува за слично решение. Со оглед на тоа дека четирите главни кандидати за градоначалник размислуваат за радикална преработка на законите, можно е Лондон да биде следениот град кој ќе ја направи оваа промена.

Полицијата на Лондон пишува околу 3000 казни годишно на велосипедисти кои поминуваат на црвено светло. Многу возачи би сакале да видат и повеќе вакви казни, но наместо тоа, прекршокот може да биде сосема укинат.

Кога Париз ги промени законите летово и им дозволи на велосипедистите да поминат на црвено на 1800 семафори, францускиот главен град им се придружи на Брисел и градови во Германија и Холандија, кои го практикуваат тоа со години. Се преговара да се воведат слични промени и во Сан Франциско, каде велосипедистите протестираа против острите мерки на полицијата преку строго почитување на сообраќајните правила и закочување на сообраќајот. Сега, четирите најсериозни кандидати кои можат да го заменат Boris Johnson како градоначалник, велат дека би размислиле за ваква промена и во Лондон.

 

Минатиот месец, Johnson објасни дека идејата да им се дозволи на велосипедистите да поминуваат на црвено била земена предвид, но „дознале дека има многу законски и практични бариери, како и оправдани грижи за влијанието на тој закон врз безбедноста на патиштата за сите корисници. Иако Transport for London и Департманот за транспорт не се откажале од тестирање на овој концепт во иднина, моментално се посветени на докажаниот концепт на користење на пригодни соообраќајни сигнали за да се контролира движењето на сите корисници на патот“.

Но, законската промена, која често се нарекува Закон од Ајдахо, по американската држава каде велосипедистите можат да застанат и да продолжат на црвено доколку патот е чист, се враќа на агендата. Групата Stop Killing Cyclists ги праша најсериозните кандидати за мајските локални избори да го поддржат нивниот 10 by 2020 предизвик за безбедност.

Коосновачот на групата, Donnachadh McCarthy, бил изненаден од позитивните одговори. Кандидатот на лабуристите, Sadiq Khan, рекол дека „сака да се воведе варијација на Законот од Ајдахо“, додека неговиот конзервативски конкурент Zac Goldsmith вели дека е „заинтересиран за идејата која вреди да се разгледа“. Кандидатката на либералните демократи, Caroline Pidgeon, вели дека би предложила воведување на законот, а Sian Berry од Зелената партија вели дека би го разгледал како мерка за итни случаи.

Варијации на Законот од Ајдахо веќе се усвоени во неколку градови низ Европа. Европската велосипедска федерации вели дека има повеќе од 5000 крстосници каде велосипедистите вртат десно и на црвено светло во Германија, додека Холандија им дозволува на велосипедистите да свртат десно каде што има знак.

Промените во Париз се дел од обид тројно да се зголемат патувањата со велосипед до 2020 година. Тригодишната пробна програма со која им беше овозможено на велосипедистите да минуваат на црвено го подобри сообраќајот и го намали бројот на судари.

Kiki Lambert од групата Mieux Se Déplacer à Bicyclette (Подобро на велосипед) вели дека програмата функционира добро, и се надева дека наскоро ќе биде проширена и на вртењата на лево на црвено светло. Освен што е побезбедно, таа вели и дека им штеди на време и на енергија на велосипедистите, а помага и градот да функционира подобро.

„Сообраќајните знаци постојат за да ги забават автомобилите и да им дозволат на пешаците да преминат. Велосипедите се многу полесни и побавни, па кога нема пешаци и патот е чист, глупаво е велосипедист да мора да застане“, вели Lambert.

Поминувањето на црвено светло е контроверзна тема дури и меѓу велосипедистите. Некои сметаат дека тоа би ги разлутило возачите и пешаците, и би ја вратило каузата на велосипедистите наназад. Сепак, ако и понатаму функционира за други градови низ светот, можеби Лондон ќе биде наредниот кој ќе му даде „зелено светло“на преминувањето на црвено.

Извор: Guardian