Тредс воведе персонализирани фидови

Само пет дена откако компанијата Мета започна да ги тестира персонализираните фидови на Тредс, веќе ги пушти во употреба за сите корисници. Со персонализираните фидови, можете да следите одредени теми и профили на едно место, што го олеснува следењето на работите кои ви се важни, јавува „Верџ“.

За да создадете персонализиран фид, треба да пребарате тема, потоа да кликнете на менито со три точки до лентата за пребарување и да ја изберете опцијата „Создај нов фид“.

Персонализираните фидови можат да содржат информации за повеќе теми, само треба да се додадат нови преку пребарувањето или, на десктоп, од менито со три точки до фидот. Во фидовите можат да се додадат и индивидуални профили, што овозможува голема флексибилност во креирањето.

Брзото воведување на оваа функција доаѓа по зголемениот притисок од Блускај, која во последно време бележи огромен раст на популарноста, која исто така, има персонализирани фидови.