Корисниците на Тредс во иднина ќе може да прават анкети и да поставуваат ГИФ-ови, соопштија вчера од компанијата Мета.
Ова се мали додатоци за корисниците, но станува збор за нешто што веќе подолго време може да се прави на конкурентската платформа Х (Твитер).
Анкетите на Тредс имаат три опции, а може да додадете најмногу четири, како и тајмер кој ќе покажува уште колку време може да се гласа на анкетата во реално време. За да може да ги видите резултатите од гласањето мора да гласате, а доколку го направите тоа Тредс ќе ви испрати известување кога анкетата ќе заврши.
Истовремено, за полесно споделување на ГИФ-ови, сега на корисниците им стои на располагање посебна икона преку која имаат пристап до сите вакви движечки фотографии од сервисот „Гифи“. На прозорчето ќе бидат прикажани кои ГИФ-ови се актуелни во текот на денот, а ќе може да се пребарува и за специфичен ГИФ.
Социјалната мрежа Тредс почна со работа во јули, паралелно со големите промени кои се случуваа на тогашниот Твитер, а сега Х. Апликацијата за текстуална комуникација требаше да претставува конкуренција на платформата на Илон Маск и има многу сличен изглед со конкурентната социјална мрежа.
Од Мета велат дека засега се презадоволни со напредокот. Сопственикот на компанијата, Марк Закерберг пред два дена сподели дека апликацијата засега има нешто помалку од 100 милиони месечни активни корисници.