Тренд или потреба, бесплатна храна и кафе за сиромашни

Тренд или потреба, бесплатна храна и кафе за сиромашните

Тие се петнаесетина млади луѓе, собрани со иста идеја, да направат нешто добро за своите сограѓани без желба за профит или за сопствена самопромоција. Групата се нарекува „Храна, а не оружје“ , а концептот на работа го има во повеќе земји. Активистите одат по нашите зелени пазари, собираат се што може да се зготви, а пазарџиите сакале да го фрлат. Оваа храна се претвара во вкусен оброк и секоја втора сабота се раздава на скопскиот плоштад.

FOOD NOT BOMBS by Radio Mof on Mixcloud

Оброкот со порака, „Не се откажуваме од борбата со храна против оружје“  и оваа сабота ќе се дели на плоштад. Активистите ќе се соберат во 13.30 часот и ќе останат се додека не го разделат тоа што го зготвиле. Веќе три месеци кај нас трае ваквата акција. Почнале исплашени , за потоа да останат изненадени од интересот на Скопјани за нивната акција. На ова општество му недостига активизам, велат од организацијата.

FOOD NOT BOMB1 by Radio Mof on Mixcloud

Движењето „FOOD NOT BOMBS“ е основано во 1980 година, а преставува практичен протест против енормното трошење пари за воени потреби, додека секој ден се повеке луѓе умираат од глад. Идејата е да се нахранат гладните, да се повика на ненасилство и  вегетаријанство, да се укаже од потребата на рециклирање на храната.
„Ако владите и корпорациите ширум светот трошат подеднакво пари и енергија да ги прехранат луѓето како што се трошат на војни, никој не би бил гладен“, посочуваат од „Храна, а не оружје“.
Од друга страна пак, поради слабото складирање на храната, строгата продажба според рокот на траење, слабата понуда и пребирливоста на потрошувачите, од 30 до 50 отсто од четири милијарди тони храна произведена во светот ќе биде фрлена. Ова беше потврдено во неодамнешното истражување направено во Велика Британија кое покажа и дека над 30% од зеленчукот во земјата не се бере и продава и тоа само поради неговиот физички изглед.

Во меѓувреме бројот на гладни луѓе расте, а според Обединетите нации,  до 2075 година населението ќе брои уште три милијарди луѓе кои ќе треба да се нахранат.

Бесплатно кафе и храна за тие што немаат

Покрај иницијативата „Храна, а не оружје“, уште неколку активности со сличен карактер деновиве се актуелни во земјава. Хуманиот аспект е она што ги спојува.
Иницијативата „Pending Coffee“ која заживува и во Македонија  овозможува безплатно кафе за луѓето кои што не можат да си го дозволат. Па така, оние кафулиња што ја поддржуваат им даваат можност на своите гости да плата две , а да испијат едно кафе. Второто кафе кое го платиле ќе биде дадено на некој кој нема доволно пари за да го плати.  Оваа идеја веќе функционира  во повеќе европски земји.
И иницијативата „Солидарен оброк“ од неодамна заживеа и во Македонија. Акцијата која започна во Србија  сега се шири на југ и има цел да им помогне на сиромашните кои неможат да платат за храната.
„Солидарен оброк“ ќе се дава во оние угостителски објекти, сенвичарници или пекари кои се пријавиле за учество во акцијата. Тие ќе им дозволат на своите купувачи да платат уште еден ѓеврек, перек, баничка или сендвич, која ќе им биде дадена на сиромшните. Локалите што ја поддржуваат оваа акција ќе бидат обележани со логото на акцијата, а ќе се најдат и на посебен сајт. Покрај хуманиот момент, со ваквата акција се овозможува и бесплатна реклама за поддржувачите.

Ј.Ј.