„Треска во саботната вечер“: Подиумите во Амстердам повторно полни, но овојпат за ковид експеримент

Дали се сеќавате последниот пат кога излеговте во диско или пак го изгубивте гласот од гласно пеење на концерт?

Неколку среќници од Амстердам добија можност да се „извлечат“ од карантинот и строгите мерки и повторно да танцуваат на подиумот – но, само како дел од здравствен експеримент. Околу 1.300 лица се собрале на подиумот во „Зиго Дом“- Амстердам.

Тие биле поделени на пет групи, а секоја група требало да следи различни правила. Некои од групите требало да носат маски, а другите биле охрабрени да пеат најгласно што можат. Сите лица кои учествувале во експериментот носеле монитори кои мереле колкав контакт оствариле со останатите.

На лицата кои учествувале во здравствениот експеримент им било побарано да имаат негативен тест не постар од 48 часа пред настанот, а истовремено условот бил и да направат второ тестирање по пет дена од настанот.

Здравствениот експеримент бил дел од иницијатива на владата и ноќните клубови, за да се испита колку е безбедно групирањето на голем број лица.

Питер Лубертс, дел од предводниците на експериментот истакнал дека потребно е повеќе време за да се анализираат резултатите од експериментите, за потоа да им бидат претставени на властите, кои го имаат последниот збор во одлуката за намалување на мерките.

Интересот на јавноста за учество во експериментот бил огромен. Капацитетот на „Зиго Дом“ се до 17.000 посетители, а за експериментот биле пријавени 180.000 лица.

Извор: Euronews