Чевли наместо штикли, панталони наместо здолниште, јакна наместо марама и кал насекаде – тоа е воглавно сликата од третиот ден од Пивофест во Скопје што по две години повторно е вратен на Скопско Кале. Дождот можеби се закани со намалување на посетеноста, но упорноста на љубителите на музиката и пивото не се намали, тие останаа верно сè до четири часот наутро.
Минатата вечер се откажа настапот на изведувачите што беа дел од сцената на Радио МОФ.
„Поради лошите временски прилики, организаторот на Пиволенд не беше во можност да обезбеди соодветни услови за настап на изведувачите на бината на Радио МОФ. Заради тоа, за жал, принудени сме да ја откажеме програмата предвидена за останатите три вечери.Им благодариме на сите артисти кои покажаа желба да бидат дел од овој стејџ, како и на сите кои одлучија минатите вечери да бидат нивна публика. Се надеваме дека ќе создадеме нови прилики за настап и дружба“, стои во соопштението до публиката од Радио МОФ.
На главната сцена синоќа сепак забавата продолжи. Вечерта ја збогатија настапите на „Гуру харе“, „Ананас бенд“, „Гоце Саф“, но дефинитивно публиката најмногу уживаше на звуците што ги создаваше групата „Irish Stew of Sindidun“ кои дојдоа во Македонија првпат по десет години.
Публиката танцуваше на звуците со ирски белези на што придонесе виолината како дел од инструментите што групата ги користеше при својот настап.
Посетителите синоќа почнаа да се собираат околу 11 часот, по што се исполнија и штандовите со скара и пиво. Сепак една од најголемата добивка ја имаше и „Пајак“ службата која однесе неколку автомобили што не беа правилно паркирани на простот пред Скопското Кале.
Емилија Петреска