Утре од 11 часот во хотел Порта во Скопје, ќе се одржи третиот Регионален промотивен настан во рамките на Проектот на УСАИД за практикантска работа и вработување на лицата со попреченост.
На настанот ќе бидат претставени проектните активности и успешните приказни на лица со попреченост кои се вработиле или добиле практикантски ангажман преку Проектот. Поканети се претставници на општините од Скопскиот регион, како и претставници од компании, невладини организации и јавни институции.
Мајкл Стивејтер, Директор на канцеларијата за демократија и образование на УСАИД Македонија и Слободанка Лазова Здравковска, Раководител на одделението за заштита и вработување на лица со попреченост, лица со воспитно социјални проблеми и стари лица во Министерството за труд и социјална политика ќе присуствуваат на настанот и ќе одржат говор.
Проектот на УСАИД за практиканска работа и вработување на лицата со попреченост има за цел да ја подигне социјалната инклузија и учеството на лицата со попреченост во целните региони. Проектот ова го остварува со подобрување на нивните вештини за вработување, преку организација на пракси и обуки, како и учество во кампањи за подигнување на јавната свест, со што ги прави овие прашања повидливи за приватниот сектор и локалните заедници.
Проектот започна во Август 2012 година, и трае две години. Истиот е имплементиран од Моја Кариера – Скопје, во партнерство со Порака Наша – Куманово и Хендимак – Тетово.