На третата вечер на Скопскиот џез фестивал публиката имаше шанса да ужива со Метју Шип (Matthew Shipp) и Елиане Елиас (Eliane Elias) и Ред Снепер (Red Snapper).
Во првиот дел од вечерта, во саботата во Универзалната сала, настапи Метју Шип. Роден на 7 декември 1960 година во Делавер, тој почнува да учи пијано уште на 5 годишна возраст, за 7 години подоцна да се вљуби во џезот. Шип е најмногу ценет во џез сферата поради својот сопствен стил на свирење на џез пијано, својствен само за него. Со настапот во Скопје тој само ја потврди неговата неповторливост. Звуците од неговото пијано беа вистинско освежување за присутните. На моменти брза, на моменти напната, атмосферата во Универзалната сала вибрираше со сите емоции во човековиот спектар.
По емотивниот ролеркостер кој го приреди Шип, сцената доби една нова, порелаксирана нота, преку боса-новата на Елиане Елиас. Родена во 1960 година во Сао Паоло, Елиас почнува со свирење пијано на 7 годишна возраст. Досега таа има издадено над 20 албуми, била 5 пати номинирана за Греми награда, 4 пати ја добива „Gold Disc Award“ наградата и три пати „Best vocal album“ во Јапонија.
Во Скопје Елиане настапи во придружба на Марк Џонсон (Marc Johnson) на контрабас и Грам Дехтер (Graham Dechter) на гитара. Неповторливиот глас на Елиас, моќните бас ноти на Џонсон и џез линијата на гитарата на Дехтер, произведоа едно боса-нова искуство вредно за секој посетител. Леснотијата со која звукот се впиваше во саботата во Универзалната сала беше вчудоневидувачка. Секоја песна избрана за вечерта беше проследена со неколку аплаузи, а публиката остана восхитена од умешноста на овие три артисти. Неколкуте мали технички проблеми (микрофонот на Елиас и поврзувањето на контрабасот на Џонсон) кои настанаа на почетокот на настапот, веднаш избледеа во меморијата на посетителите благодарение на релаксирачки бразилски џез звуци.
Крајот на вечерта пак го одбележа Red Snapper, инструментален бенд од Обединетото кралство кои настапија во „Скопје сити хол“. Стилот на бендот се карактеризира како фузија помеѓу брејкбит, трип-хоп и драм енд бејс со даб и џез, но мошне енергичен и забавен. Почнувајќи од 1 часот по полноќ, енергијата пулсираше уште многу по завршувањето на свирката. Бас линијата на Али – фронтменот (Ali Friend), проследена со ритамот од палките на Рич(Rich Thair) , вибрациите од гитарата на Давид (David Ayers) и џез нотите на Том (Tom Challenger) уште долго ќе се паметат во Скопје како дел од овогодинешниот Џез фестивал.
Марко Георгиев