Новите генерации се повеќе комуницираат во виртуелниот свет отколку „лице во лице“, покажува извештајот на „iGeneration“, кој го анализираше однесувањето на повеќе од две илјади деца на возраст од осум до 14 години, пренесе МИА.
Истражувањето покажува дека дури 36 отсто од децата преферираат онлајн комуникација во чат отколку „во живо“, а поради се почестата зависност од интернет, тие се нарекуваат „и-генерација“, пишува „Дејли Мејл“.
Секое четврто дете признава дека повеќе сака да го поминува времето на таблет или на компјутер, отколку да игра надвор со пријателите, а за тоа се свесни и петтина од родителите.
Истовремено со тие промени, денешните генерации се многу пофокусирани на теми кои децата порано не ги интересирале. На пример, 54 отсто од нив се грижат за тоа дали јадат здраво, а секое десетто дете дури и ги подучува своите родители да купуват здрави намирници. Околу 12 отсто од девојчињата и момчињата до 14 години барем еднаш биле на диета.