Под мотото „Истрага на местото на кодирањето“ на 18 и 19 април во Охрид ќе се одржи третото издание на програмерскиот маратон„Codefest“.
Организатори на настанот се студенти и дипломци на од Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“, кои по своја идеја и иницијатива започнаа да го организираат овој настан, Во 2013 година настанот го привлече вниманието на 70 учесници, лани имаше 140 учесници во 22 тимови, а интересот за годинава е двојно поголем, информираат организаторите.
Маратонското програмирање на Codefest трае 32 непрекинати часови во текот на кои тимовите работат на развивање на демо продукти базирани на креативни и иновативни идеи. Истакнати професионалци од ИТ, крeативни и бизнис области од Македонија и странство се вклучуваат во настанот во улога на ментори и жири, и им помагаат на учесниците во реализацијата на своите прототипи.
Од друга страна, на Codefest се вклучуваат и компании од ИТ и бизнис секторот, со цел да го поддржат настанот и истовремено да ги запознаат младите таленти и да им понудат можности за вработување или поддршка на нивните проекти, а истовремено и да покажат општествена одговорност. Голем број на компании, национални и интернационални, се вклучени во реализацијата на Codefest 2015, како Vedel IT, Arvixe, Telerik, DomainME, GitHub, Pluralsight, конференцијата SparkMe и уште многу други.
„Ништо не може да ја победи возбудата од тоа да се биде опкружен со супер паметни луѓе кои се обидуваат да создадат нешто „од тенок воздух“, воедно слушнав и дека Охрид е прекрасен град!“ изјави, г-дин Ербил Караман, Продукт Менаџер во Facebook Лондон, воедно и почесен гостин-говорник на Codefest.
Апликациите за Codefest 2015 се отворени до 7 април, а тимовите можат да се пријават со својата идеја на следниот ЛИНК како и да се ингормираат на официјалната веб страница и Facebook фан страница на настанот.