Кинотеката на Северна Македонија најавува извонредни филмски проекции, ретки филмски бисери и нови филмски реставрации на третиот Фестивал на немиот и класичен филм кој ќе се одржи од 29 август до 4 септември.
Фестивалот започнува со претфестивалска проекција на документарниот филм „АДИО ЈУГОФИЛМ, АДИО ЈУГОФЕСТИВАЛ, АДИО ЈУГОСЛАВИЈА… СЕ ГЛЕДАМЕ ВО СЛЕДНАТА ВОЈНА“ на култниот хрватски актер и режисер Игор Гало. Годинава тој ќе биде гостин и пред проекцијата ќе зборува за своето творештво, но и за темата на неговиот филм – историјата на Филмскиот фестивал во Пула.
Официјалното отворање на фестивалот ќе биде на 30 август, со проекција на немиот филм „КАЛАБАКА: ТАЈНИТЕ НА НЕПОЗНАТАТА ЕВРОПА“ од 1928 година што претставува еден вид кинематографски извештај за една експедиција на Балканот. Германската филмска компанија „Хегевалд“ го испраќа патувачкиот репортер Фред фон Болен-Хегевалд од Австрија кон југот на Европа па сè до Багдад во специјален „репортерски“ автомобил. Филмските слики што ќе ги сними тој во тие години на минатиот век се извонреден филмски документ за нас, особено затоа што минува низ повеќе места, како во Скопје, на пример, каде што ќе посети едно од дервишките теќиња и ќе ги сними тамошните обреди. Филмската проекција на овој прекрасен филм од немата ера ќе биде надополнета со оригинална музичка изведба во живо на Добрила и Доријан дуо.
Проекцијата на филмот „КАЛАБАКА: ТАЈНИТЕ НА НЕПОЗНАТАТА ЕВРОПА“ е во соработка со EYE Filmmuseum од Амстердам, а како дел од таа соработка публиката, исто така, ќе може да го види и филмот „БРИЛИЈАНТНИОТ БИОГРАФ: НАЈРАНИТЕ ПОДВИЖНИ СЛИКИ НА ЕВРОПА (1897 – 1902)“ – компилација на филмови од најголемата зачувана збирка на „Мутоскоп и Биограф“ во светот.
„За нас е особено значајно што оваа година гостинка на фестивалот, покрај Гало, ќе биде и Елиф Ронген-Кајнакчи, куратор на неми филмови во Eye Filmmuseum oд Амстердам. Таа ќе одржи и две работилници – едната за идентификација на неми филмови, а другата за платформата за музички партитури за неми филмови – Eye Film Player – која неодамна холандскиот филмски музеј ја направи достапна за јавноста“, велат од Кинотеката.
Покрај овие проекции, во соработка со ГЕТЕ-институтот во Скопје, дел од фестивалската програма ќе биде циклусот филмови на германскиот режисер Волкер Шлондорф. Од депоата на Хрватската кинотека при Државниот архив на Хрватска, македонската публика ќе може да проследи три циклуси на кусометражни филмови: анимираните филмови произлезени од Студиото за анимиран филм на „Загреб филм“, потоа документарни и кратки играни филмови од хрватски автори, како и циклусот неми филмови во режија на хрватскиот филмски пионер Октавијан Милетиќ. Во рамките на оваа програма, гостин на фестивалот ќе биде и Јурај Кукоч, филмски архивист и филмски критичар од Загреб.
Покрај овие циклуси, на фестивалот ќе бидат прикажани неми и класични филмови од архивот на Кинотеката. Музичката придружба на немите филмови ќе ја изведува македонскиот џез-пијанист, аранжер и композитор Гордан Спасовски.
На 4 септември, фестивалот ќе се затвори со проекција на ново- дигитализираниот филм „МЕМЕНТО“ од 1968 година во режија на Димитрие Османли, кој годинава беше дел од проектот „Сезона на филмските класици“, организирана од АЦЕ (Асоцијација на европските кинотеки).
ФЕСТИВАЛСКА ПРОГРАМА
20:00 ч.: 1991. АДИО ЈУГО ФИЛМ, АДИО ЈУГО ФЕСТИВАЛ, АДИО ЈУГОСЛАВИЈА… СЕ ГЛЕДАМЕ ВО СЛЕДНАТА ВОЈНА (1991. Adio Jugo film, adio Jugo festival, adio Jugoslavija… vidimo se u sljedećem ratu)
19:00 ч.: СТЕПЕН НА УБИСТВО (Mord und Totschlag / Degree of Murder)
21:00 ч.: КАЛАБАКА: ТАЈНИТЕ НА НЕПОЗНАТАТА ЕВРОПА (Kalabaka: Die Geheimnisse des unbekannten Europas / Kalabaka: The Secrets of Unknown Europe)
12:00 ч.: Мастерклас на Елиф Ронген-Кајнакчи, куратор на неми филмови во Eye Filmmuseum
– КАКО ДА СЕ ИДЕНТИФИКУВА НЕМ ФИЛМ?;
17:00 ч.: Изложба „Македонски филмски плакат“
21:00 ч.: БРИЛИЈАНТНИОТ БИОГРАФ: НАЈРАНИТЕ ПОДВИЖНИ СЛИКИ НА ЕВРОПА (1897 – 1902) (The Brilliant Biograph Earliest Moving Images of Europe 1897 – 1902)
17:00 ч.: ИЗБОР НА ДОКУМЕНТАРНИ И КРАТКИ ИГРАНИ ФИЛМОВИ НА „ЗАГРЕБ ФИЛМ“
19:00 ч.: МЛАДИОТ ТЕРЛЕС (Der junge Törless)
21:00 ч.: ДРУГАРСТВО (Kameradschaft / Comradeship)
17:00 ч.: ВЕРИНОТО ВОСПИТУВАЊЕ (Angi Vera)
19:00 ч.: ЛЕГЕНДАТА ЗА РИТА (Die Stille nach dem Schuss / The Legend of Rita)
21:00 ч.: ИЗБОР НЕМИ ФИЛМОВИ НА ОКТАВИЈАН МИЛЕТИЌ
17:00 ч.: ПЕТТИОТ ПЕЧАТ (Az ötödik pecsét / The Fifth Seal)
19:00 ч.: ИЗБОР НА АНИМИРАНИ ФИЛМОВИ НА „ЗАГРЕБ ФИЛМ“
21:00 ч.: НЕТРПЕЛИВОСТ (Intolerance)
17:00 ч.: ИЗБОР НА ДОКУМЕНТАРНИ ФИЛМОВИ НА „ЗАГРЕБ ФИЛМ“
19:00 ч.: ИЗБОР НА АНИМИРАНИ ФИЛМОВИ НА „ЗАГРЕБ ФИЛМ“
21:00 ч.: МЕМЕНТО (Memento)