„Зрно“ годинава ќе го има своето трето издание, иако, велат од фестивалот, имале понижувачка поддршка од Министерството за култура. Организаторите тврдат дека „Зрно“ годинава има уште побогата и поквалитетна програма. Во моментов, во Темишвар, Романија, е поставена изложбата на дела настанати на минатогодишните работилници за благородни фотографски процеси, кои се одржаа во село Цапари, во просторот на семејството Филевски.
Меѓународната изложба на аналогна фотографија „Зрно“ ќе го отвори своето трето издание на 28 јуни (петок) со почеток во 20 часот во Мултимедијалниот центар „Мала станица“.
„Делата, испратени на отворен повик, се избрани од деветчлено меѓународно жири и претставуваат своевиден пресек на современите текови во светската фотографија. Ќе бидат претставени над дваесет автори, од цел свет“, најавуваат организаторите.
Додека пак, на 10 јули во 20 часот во галеријата на Факултетот за ликовни уметности „Сули ан“ ќе се отворат авторските изложби на современи алтернативни уметници „Форма“ од Наталија Копкина од Хелсинки и избор на дела на Бабакк Хаџи од Техеран.
А, изложбата „Еден“ на авторката Тијана Борбељ од Нови Сад ќе се отвори на 12 јули во 20 часот во Монтажната галерија во Паркот на франкофонијата.
„Носечката активност на Зрно и она што го прави единствен фестивал во светот – работилниците за алтернативни, благородни фотографски процеси, годинава ќе се одржуваат во село Смилево, односно во Смилевскиот манастир. Гости ментори ќе бидат едни од најголемите експерти во глобални рамки за соодветните постапки кои ќе ги споделуваат со учесници од цела Европа“, велат од организацијата.
Ментори на ‘Зрно’ оваа година ќе бидат Миша Кескеновиќ од Сежана од Словенија, Ивана Томановиќ од Белград, Стиг Марлон Вестон од Осло, Предраг Узелац од Нови Сад, Дамиан Диаконеску од Темишвар, Романија и Емилија Сандиќ и Стефан Стефановски, студенти по фотографија на академијата во Нови Сад.
Од организацијата на фестивалот додаваат дека ова е ретка можност за вистинските вљубеници во автентичната фотографска уметност да научат нешто од авторитети со светско реноме.
„Веројатно до сега во Македонија, а и пошироко не се случило да бидат во исто време и место такви имиња“, истакнуваат од организација.
Во Смилево на отворено ќе се одржат и изложби на Кескеновиќ и на фото клубот „Ирис“ од Темишвар. Исто така, ќе има и проекција на филм, во соработка со „МакеДокс“ и Националната установа „Манифестација Смилевски конгрес“ – Смилево, Демир Хисар, но и други, пропратни активности.
„На работилниците има повеќе пријавени од странство отколку домашни учесници што е своевиден куриозитет, иако, за наши луѓе ‘Зрно’ нуди посебни, повластени услови, а тоа го прави за да ја зајакне домашната фотографска сцена, затоа што нема кој друг“, забележуваат организаторите.
По завршувањето на работилниците за благородни фотографски процеси во Смилево, ќе биде поставена изложба на избрани дела настанати на работилниците.