Под слоганот „Диши длабоко и погледни кон небото. Си замисли желба? Се гледаме на Галичник!“, од утре (3 август) започнува третото издание на Галичник филм фестивал.
По две изданија од кои првото беше онлајн и оваа година во официјалната селекција на овој филмски фестивал влегуваат имиња на краткометражни филмови од автори од целиот свет.
„Филмови кои ни доаѓаат директно од Cannes Film Festival, Oscars, Sundance, IDFA, Toronto International Film Festival, Locarno Film Festival, а сега достапни и пред македонската публика. Дали сте жедни за викенд во природа, краткометражни филмови и добра музика? Сите патишта водат кон Галичник!“, се вели во најавата за филмскиот фестивал.
Најавените 20 кратки филма се поделени во три различни категории; играни, документарни и анимирани краткометражни филмови.
Музичката програма што ќе следи по проекциите ќе ја пополнат Ѓорѓи Шаревски и Јане Трајковски на 5 август, DJ Гоце Саф на 6 и DJ Зоки Бејбе на 7 август.
Програмата на Галичник Филм Фестивал е бесплатна.
Фестивалот е во организација на Дарма Филм и Месна заедница Галичник, а е во поддршка на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.