Трето издание на HFW Expo во септември

На 23 и 24 септември во Градскиот парк во Скопје ќе се одржи третото издание на Health, Fitness & Wellness Expo – најголемиот интерактивен настан за здрав животен стил во Македонија.

Годинава настанот има нов, „outdoor“ концепт, на нова локација. Оваа година, програмата на настанот и двата дена ќе трае од 11 до 19 часот, а настанот поточно ќе биде лоциран на терените „Работнички”.

Двете успешно реализирани изминати изданија покрија огромен број на теми за здравиот начин на живеење, здравата исхрана и спортувањето, козметиката и грижата за себе низ секое поле. Организаторите велат дека тоа укажува на фактот дека интересот за оваа тематика кај македонската публика сè повеќе и повеќе се зголемува.

Ова издание настанот ќе има побогата програма, распределена на четири сцени и тоа: Health Zone, Fitness Stage, Wellness Corner и Kids Corner. Дополнителен анимациски агол е предвиден и за натпревар со препреки и награди за оние кои ќе учествуваат и ќе остварат најдобри резултати.

HFW Expo е настан кој нуди голем број на бесплатни корисни совети и информации, промотивни понуди, едукација, вредни награди, отворени бесплатни тренинзи, третмани и тоа за сите возрасни граници, потреби и навики. Токму затоа, посетителите на овој настан се од најразлични возрасни групи, пол и професии.

Наскоро ќе бидат објавени повеќе од 80 организации кои се приклучија и ќе учествуваат на овој настан. Повеќе информации околу целосната програма, изложувачите и учесниците, може да се најдат на Facebook фан страната и официјалниот Facebook настан.