Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, преку социјалните мрежи соопшти дека се отстранети фундаментите за Панорамското тркало од Вардар.
„Мостот не е во барок. Коритото на Вардар чисто и проточно“, напиша Шилегов на „Фејсбук“.
Тргнати фундаментите за панорамското тркало. Мостот не е во барок. Коритото на Вардар чисто и проточно.#Скопје#ЧекорПоЧекор
Posted by Петре Шилегов on Saturday, 18 January 2020
Набрзо своја реакција на информацијата имаа од иницијативата НаТочак. Тие се надеваат дека како што коритото на Вардар е проточно, така ќе биде и кејот за пешаците и велосипедите.
„Изминативе 10 години се направи ненадоместлива штета на возењето велосипед како транспорт и како рекреација со прекинот на велосипедската “магистрала“ по текот на Вардар во самиот центар на градот. Замислете 10 години да има прекин на најважната сообраќајница за автомобили! Можеме само да замислуваме колку повеќе луѓе на точак ќе имавме во градов ако не беше направен тој прекин или ако беше соодветно заобиколен“, велат од НаТочак.
Тие потсетија дека во својот допис до скопските власти предложиле создавање Вардарска зелена магистрала.
„Сметаме дека кејот на реката Вардар има огромен потенцијал кој не е во целост согледан од ниеден ГУП и ниедна градска власт до сега, да стане главна велосипедска магистрала запад-исток на Град Скопје (а попатно и пешачка и рекреативна)“, стои во нивната реакција.
Поради ова, од НаТочак бараат итно деблокирање на патеката во центарот околу мостот за Панорамското тркало, да се изготви план за продолжување на патеката во деловите кои недостасуваат од двете страни на реката заедно со план за изградба на пешачко-велосипедски мостови и пристапни возливи рампи.
Покрај ова, бараат сите новопланирани мостови (Асном, Љубљанска, Климент, Илинден) да вклучуваат задолжително пешачка и вело-инфраструктура како и современи решенија вградени во самиот дизајн на мостот (не прилепени) за директен пристап со рампи и скали кон кејот за пешаци и велосипеди.
Меѓу другото, бараат и студија и проект за пешачко-велосипедско поврзување по текот на Вардар со соседните населени места во Скопската котлина и соседните градови како дел од Еуро вело рутата 11 која ги поврзува Норвешка и Грција, а минува низ Скопје.