Средношколски филмски фестивал, театарски перформанси, изложба и концерти се дел од средношколската манифестација „Три дена култура“, која од утре до петок ќе се одржува во скопската гимназија „Никола Карев“.
Манифестацијата започнува во среда, кога посетителите ќе можат да ги видат филмовите направени од средношколци, во рамки на Средношколскиот филмски фестивал-СФФ. Во официјалната селекција, ќе бидат прикажани филмовите Good Night / Добра Ноќ – Сергеј Сарчевски, Blacksmith / Ковач – Горан Поповски, Faust / Фауст – Бојан Таневски, A second… to eternity / Секунда… до вечноста – Ана Андонова, Faces / Лица – Ханис Багашов. Како дел од специјалната селекција е најавени ОТРОВ – Дејан Џолев (Џолев и Уметностите). По прикажувањето на филмот ќе следи дискусија со Дејан Џолев за филмови, режисери, уметност, а вечерта ќе заврши со прогласување на победникот на првиот СФФ во земјава.
Четврток е посветен на театарските перформанси. Притоа ќе се одиграат претставите Чехов Монолози – Драмско студио „СЦЕНА“, Модерен балет – Денс Студио ВАЈБ, Мудрост во четврт месо, Импровизација, Чекајќи го Годо и Живот во розово.
Петокот е ден за дигиталната изложба и свирка со DJ Leon, DJ ZEC, Карев школски, ТРИ, Анастасија Аврамовска и Исидора, Cut my Nipple, GSN2, Зерина Нушевиќ, SPECTRUM и Годо.
„’Три дена култура’, прошетајте се низ светот на уметноста во нашиот тродневен културен омнибус и станете дел од најголемиот средношколски уметнички настан. ’Три дена култура’ претставува отворена платформа во која секој млад уметник ќе има можност самостојно да се изрази, и истовремено да ги покаже своите нови идеи, сфаќања и размислувања во поглед на уметноста. Повелете“, стои во поканата за фестивалот.
Фестивалот се одвива на 21, 22, 23 февруари со почеток од 20:00 часот. Влезот е бесплатен.